Зборот Фукубукуру – што значи пакетче на среќата, добива голема популарност кај Јапонците во последните неколку години. Тие се продаваат на почетокот на секоја Нова година, а стотици Јапонци стојат и чекаат во редица за да дојдат до нив, пренесува „Би-би-си“.

Тие торбички се всушност, пакетчиња со мистериозни добра, што содржат сè од облека па до храна, зависно од местата кои ги продаваат. Фукубукуру почнуваат да се продаваат на први јануари и обично продажбата трае околу една недела, или додека залихите не бидат целосно потрошени.

За многумина, прославањето на Нова година не е исто без Фукубукуро. Не е познато како овој обичај настанал, постојат неколку приказни поврзани со него, а една од нив вели дека оваа традиција започнала во почетокот на минатиот век. Продавниците решиле да ги потрошат своите стари намирници од старата година преку мистериозни пакетчиња во кои има случајни добра кои можат да се купат по достапна цена.

Во денешно време, многу продавници, ресторани и кафулиња во Јапонија ја практикуваат оваа традиција, а полека е прифатена и од светски компании како Старбакс и Армани.

Торбичките се полни со производи кои обично се поскапи доколку ги купите одделно. Многумина чекаат во огромни редици пред нивните омилени продавници со цел да дојдат до Фукубукуро торбичка, бидејќи обично тие се во многу ограничен број.

– Да купиш Фукубукуро е исто како да се обложувате. Возбудата, исчекувањето, што можете да добиете е неверојатна, како и шансата да добиете нешто за помалку пари од неговата вистинска вредност, вели Кларк Лотон за „Би-би-си“.

Секоја година, луѓе споделуваат на социјалните мрежи што добиле од пакетчињата Фукубукуро. Оние кои се незадоволни од својата среќа обично ги препродаваат производите или ги разменуваат со пријатели. Сепак, секогаш постои нова шанса на почетокот на наредната година.