Срцевите заболувања се најголемата причина за смртност во светот, а секој петти човек во развиените земји барем еднаш се соочува со срцеви проблеми. Затоа француската компанија „Кармат“ разви вештачко срце, кое го менува овој орган кај луѓето што чекаат за трансплантација.
Важно е да се истакне дека кај најтешките срцеви пациенти, во повеќето случаи, трансплантацијата е единствениот прифатлив третман. Меѓутоа, во тој случај, тоа го отежнува фактот што пациентите минуваат со години на списокот чекајќи трансплантација.
Вештачкото срце е слично по форма како човечкото срце, тежи четири килограми и се напојува со две пакувања на батерии во траење од четири часа, по што уредот се префрлува на главното напојување. Вградените сензори го одредуваат крвниот притисок, а како одговор, алгоритамот го контролира протокот на крв во реално време.

– Функционира како човечко срце, па ако пациентот оди, протокот на крв се зголемува, а ако е во мирување, протокот на крв е стабилен и низок – изјави Стефан Пијат, извршен директор на „Кармат“.
Деловите што доаѓаат во контакт со крвта на пациентот се направени од материјал што е компатибилен со човечкото тело, за да се намали ризикот од несакани ефекти. Пијат објасни дека уредот не бара одржување откако ќе биде хируршки инсталиран.
Досега, 19 пациенти го добиле овој апарат во тест-операции, а во декември компанијата ја доби ознаката ЦЕ, што ѝ овозможи да го продава производот и во Европската Унија.
Минатиот месец доби одобрение да започне студија за изводливост, за да добие одобрение од американската Администрација за храна и лекови (ФДА).
Од компанијата се надеваат дека ќе започнат да го продаваат своето вештачко срце во Германија до крајот на јуни, а до крајот на годината, Пијат сака „Кармат“ да направи 20 вештачки органи, кои ќе им ги продава на болниците по цена од над 160.000 евра. Иако е погоден за повеќето мажи, сегашниот дизајн е преголем за голем број жени, пренесува „Си-ен-ен“.