Претставникот на Франција Билал Хасани

Изборот за песна на Евровизија честопати е придружен со политика и со контроверзи, покрај музичкиот дел, пренесува „Еј-би-си њуз“.

Последниве  неколку години, „Евровизија“ е толку склона кон политизација, што Европската радиодифузна унија, која е нејзин организатор, беше принудена да го утврди правилото според кое политиката мора да остане надвор од натпреварувањето.

– За време на „Евровизија“ нема да бидат дозволени текстови, говори и гестикулаци базирани на одредена политичка или комерцијална основа – гласи правилото.

Земјата што ја предизвика промената и беше повод на контроверзите е Украина, која беше евровизиски победник во 2016 година, а настапи со песна која е отворено политичка и контроверзна. Во текстот се работеше за депортацијата на кримските татари во 1944 година од страна на Советскиот Сојуз. По нејзината победа, пејачката Џамала го потврди мотивот на песната во интервју за „Гардијан“.

И покрај правилата, секогаш се изнаоѓаат начини за политичките теми да се провлекуваат во некои од песните на учесниците на „Евровизија“. А кога тоа ќе се случи, следуваат контроверзите. Оваа година се „крена прашина“ околу три земји-учеснички, поради текстовите на нивните песни или поради самите изведувачи и нивниот стил.

Исландската „Омразата ќе преовлада“ на групата Хатари (што се преведува како омраза), чиј текст гласи, Омразата ќе преовлада, Европа ќе пропадне, мрежа од лаги ќе воскресне од пепелта. Темата на песната е контроверзна самата по себе.

Италијанската „Солди“ изведена од Махмуд е четвртата песна на „Евровизија“ во која има употреба на арапски јазик, и покрај тоа што италијанскиот е официјален јазик на Италија. Ова беше доволно за да предизвика контроверзи во тамошната јавност.

Третата „спорна“ песна е „Рои“ на 19-годишниот Билал Хасани кој ја претставува Франција. Тој беше напаѓан на сексуална и национална основа, како и поради неговиот изглед. Неговата песна, што во превод значи крал, беше еден вид химна на маргинализираните групи и тој изјави дека е горд што ги претставува, но дека не бил подготвен за омразата и заканите со кои се соочил на социјалните мрежи.