Фото: Горан Анастасовски

Сараевското радио и српскиот портал „Ноиз“ неодамна ја пренесоа впечатливата приказна за Јуруците од Македонија, која преку извонредните фотографии на нашиот колега Горан Анастасовски го обиколи и го одушеви светот. Заедницата на Јуруците во Македонија постои од 14 век и до денес остана верна на своите специфични обичаи.

Тие и денес живеат изолирано, придржувајќи се на своите конзервативни, патријархални правила. По потекло се од Турција, а одреден број останале во Македонија по повлекувањето на Османлиите. Го замениле својот номадски живот со постојано живеалиште и продолжиле да живеат изолирано од преостанатиот свет, вклучувајќи и од турското малцинство во Македонија. Ги зачувале својот специфичен дијалект на турскиот јазик и живописните обичаи.

– Фотографот Горан Анастасовски престојуваше со Јуруците додека работеше на проект за спречување малолетнички бракови, поддржан од Европската Унија. Во куќите во кои живеат, времето како да застанало – бели ѕидови, мали прозорци, ниски плафони и соби без мебел. Жените никогаш не разговараат со непознати мажи, а избегнуваат и да се појавуваат пред нив – пишува „Ноиз“.
Денес тие живеат во планинските села околу Радовиш, Штип, Струмица, Дојран, како и во Овче Поле, но има и неколку јуручки села во западниот дел на Македонија. Се проценува дека ги има неколку илјади, но нема прецизни податоци, бидејќи се заведени како дел од турското малцинство.

– Јуруците се конзервативна и строго патријархална заедница што успеала да ги зачува традицијата и обичаите низ вековите. Образованието е главно наменето за момчињата, а девојките многу рано го завршуваат своето школување. Договорените бракови и натаму се важен дел од јуручката традиција. Традиционално девојчињата се мажат рано, некогаш и на 14 години. Нивното образование завршува кога ќе наполнат 11 години. Само мал број од нив успева да се школува натаму – вели Анастасовски за „Ноиз“.

Сепак, малку по малку работите се менуваат благодарение на разни проекти, а Јуруците повеќе се отвораат и ја прифаќаат модерната цивилизација. Некои од девојчињата имаат и Фејсбук, на кој засега се поврзани само со училиштето и со другарки од други јуручки села. Јуруците всушност почнуваат да воведуваат промени што ги нуди модерниот свет, но не се согласуваат на губење на традиционалните вредности, културата и наследството што го негуваат со векови.