Приказната за Велес како центар за лажни вести е вистинска. Приказната за откритието и фалсификувањето на „Книгата за Велес“ е вистинска. Но целата вистинска содржина е лажна. Единствено што останува без манипулација се цитатите од самите велешки веб-страници за лажни вести

Норвешкиот фотограф Јонас Бендиксен во интервју за интернет-страницата „Магнум фотос“ ја раскажа сложената приказна зад создавањето на својата најнова публикација „Книга за Велес“, проект чија необична траекторија по објавувањето беше исто толку бизарна како и темата што првично ја инспирираше. Тој ги објаснува многуте слоеви на интрига што доведоа до создавањето на неговата книга за дезинформациите во современиот медиумски пејзаж.
– Во текот на ерата на Трамп, вриев од фрустрација за сите лаги и дезинформации во медиумите. Читав за руското хакирање, улогата на Фејсбук и Твитер, „алтернативни факти“ и како функционираа алгоритмите. Во одреден момент забележав дека Велес се спомнува како центар на дезинформации, изнесувајќи лажни вести за време на изборите на Трамп во 2016 година. Кога луѓето сфатија дека стотици веб-страници со лажни вести потекнуваат од таму, многу големи новински организации отидоа таму да известуваат. Бев фасциниран од идејата дека тинејџерите во далечната Северна Македонија одеднаш одиграа улога во американскиот политички пејзаж. Нивните намери беа тотално аполитички: овие момци требаше да заработат пари, во град со голема невработеност. Тие станаа хакери за информации затоа што најдоа креативен начин да заработат пари, повеќе од која било желба да направат хаос во САД – објаснува Бендиксен.
Според него, начинот на кој сега се произведуваат, се шират и се консумираат информациите се променил многу во последните 15 години, а приказната за Велес била застрашувачки пример за тоа. Така, почнал да копа и да ги открива сите други чудни слоеви на приказната.

– Почнав да пребарувам на Гугл за градот Велес и брзо сфатив дека градот има имењак: античкиот бог Велес, кој бил еден од врвните богови во претхристијанскиот пагански пантеон. Во старите митови, тој бил навистина подмолен Бог: менувач на формата, бог на хаосот, магијата и измамата. Така, замислив дека би бил многу среќен поради сите лажни вести што излегуваат од градот што го носи неговото име. Ваквите работи секогаш ме интересираат: кога приказните почнуваат да се сложуваат и да се ткаат заедно на изненадувачки начини – вели фотографот.
Читајќи за старите словенски богови, Бендиксен налетал на „Книгата за Велес“, наводно древен ракопис пронајден на изгорени дрвени плочи од офицерот на руската армија, Фјодор Изенбек, во 1919 година. На штиците има натписи со протокирилско писмо за чие декодирање биле потребни години, но кога рускиот научник по име Јуриј Мирољубов конечно го разбил кодот, открил дека тоа е епска приказна за раните словенски луѓе и самиот бог Велес. Овој спис донекаде се смета за свето писмо во различни словенски националистички кругови, како и за некои алтернативни кругови. Но денес, повеќето историчари и лингвисти заклучуваат дека целата книга за Велес била фалсификат од Изенбек и Мирољубов.
– Подоцна открив дека „Книгата за Велес“ е преведена на англиски јазик во 1973 година, од еден студент на Државниот универзитет во Охајо. Самиот преведувач не сфатил дека велешката книга е лажна, па затоа ја подготвил со сите видови фусноти за историската важност на делото. Откако навлегов во сето ова, сите мои мотори почнаа да се вклучуваат! Безбројните слоеви на хаос и дезинформации, сите фокусирани околу богот Велес или градот Велес, работи што не беа навистина поврзани, но сепак толку меѓусебно поврзани со името.

Сега стана апсолутно неодоливо да се обидуваш да си играш. Што беше вистинско, а што лажно овде? Луѓето веруваа во различни верзии на тоа – вели тој во интервјуто.
Во неговите проекти, фотографијата е секогаш само алатка или изговор да се фрли напред во она што го фасцинира во даден момент. Тука тој ја искористил шансата да се бори со целото ова прашање за тоа каде се спојуваат новинарството, манипулациите, длабоките фалсификати, лажните вести и фотографијата.
– Во минатото, за дигитално манипулирани слики обично се користеа фотографии како основа – напредна форма на сечење и залепување; ќе земете дел од фотографија и паметно ќе ја вметнете во друга. Но денес, новите дигитални технологии ќе нѐ поплават како цунами. За неколку години, производството на длабоко лажни видеа лесно ќе може да се направи на вашиот мобилен телефон. Портрети генерирани од вештачка интелигенција стануваат сѐ поубедливи секој месец и веќе активно се користат комерцијално – вели Бендиксен.
Почнал да си поставува прашања – колку време ќе помине пред да започнеме да гледаме „документарни фотографии“ што немаат друга основа во реалноста, освен фантазијата на фотографот и моќната компјутерска графичка картичка? Дали ќе можеме да ја кажеме разликата? Колку е тешко да се направи тоа? Колку нашата заедница на фотографи и уредници ќе биде вешта да препознае што се длабоки фалсификати, а што е реално?
Бил толку исплашен од одговорите што решил да се обиди да го стори тоа сам. Проектот „Книга за Велес“ вели дека станал негов мал визуелен Турингов тест.
– Прво, отидов на Јутјуб и брзо научив разни софтвери што се користат во компјутерски игри и во филмската индустрија за да создадат реални 3Д-модели на луѓе аватари што можете да ги ротирате, осветлувате, позирате и анимирате. Купив некои основни карактери, а потоа ги преобликував во огромен број начини за да создадам повеќе различни карактери. Потоа ги облеков и текстурирав.

Всушност, мислам дека потрошив 10 пати повеќе за виртуелна облека за моите дигитални аватари отколку што потрошив на сопствената гардероба во последните години! Потоа, кога патував за Велес, не морав да го трошам целото време обидувајќи се да добијам пристап до сите луѓе. Само фотографирав празни места, станови, канцеларии, клупи и секоја сцена што ме интересираше и чекав да нема луѓе во кадарот. Потоа го снимив специфичното осветлување на таа сцена користејќи специјална камера од 360 степени и некои методи од специјалниот ФХ-свет. Кога се вратив дома, научив како да ги претворам овие фотографии во 3Д-простори и ги поставив моите аватари на сцената, со емоции, пози и осветлување што одговараат на оригиналната сцена – раскажува тој.
Бендиксен двапати излегол на терен во Велес. Последното било само една недела пред цела Европа одеднаш да се затвори поради ковид. Тоа за него значело дека завршил со најсовршениот проект што требало да се направи, бидејќи коронавирусот беснееше низ целиот свет, а и немал други задачи: во основа имал една година да седне на компјутер, да си игра со неговите 3Д-аватари и сцени со лажни вести.
Сумирано, сето тоа стана приказна за лажни вести за производителите на лажни вести. Приказната за Велес како центар за лажни вести е вистинска. Приказната за откритието и фалсификувањето на „Книгата за Велес“ е вистинска. Но целата вистинска содржина е лажна. Единствено што останува без манипулација се цитатите од самите велешки веб-страници за лажни вести.

– Се надевам дека велешани не се премногу навредени што го искористив она што се случи во нивниот град како отскочна штица за моите махинации. Но каква е етичката импликација на мојата работа за жителите на Велес, имајќи предвид дека сите луѓе во мојата приказна се дигитални аватари? Какви обврски имам кон луѓето што всушност не ги фотографирав? Тоа е незгодно прашање што ќе биде релевантно во годините што доаѓаат. Се надевам дека балансот, велешани го гледаат како фер игра: еден куп нивни млади измислија многу смешна фикција за далечно место, САД, и имаа корист од тоа. Дојдов од далечно место и измислив фикција за возврат за нив, но базирана на вистинска приказна. Немав намера да направам никаква штета и го сметам Велес за многу убаво и пријателско место. Всушност, не сретнав ниту една личност поврзана со индустријата за лажни вести, ниту се обидов. Сѐ што знам за бизнисот со лажни вести во Велес е половно, преку медиумите – вели фотографот во интервјуто.