Фотографијата „Минхен“ на Никола Чамовски победи на студентски натпревар

Фотографијата „Минхен“ на Никола Чамовски е победник на студентскиот натпревар за најдобра фотографија, организиран по повод одбележувањето на Денот на Европа. Темата беше „Најдобар европски град“, а најдобрата фотографија доби 1.947 лајкови и други позитивни реакции. На второто место е Теодор Мицески со фотографијата „Потсдам“, со 1.268 реакции, а на третото Михаел Дивјакоски со фотографија од Сплит, со „освоени“ 792 реакции.

– Онлајн-натпреварот за најдобра фотографија, на кој учествуваа 47 студенти, се одржа од 27 април до 9 мај по повод Денот на Европа, на фејсбук-страницата на Европското движење и предизвика голем интерес. Резултатите се менуваа во текот на целиот натпревар, но на крајот една од учесничките беше дисквалификувана поради непочитување на правилата. За победниците се обезбедени парични награди од страна на Европското движење, кое има цел да ги доближи европските градови до младите во Македонија и да промовира европски вредности – велат организаторите.

Инаку, во рамките на прославата на Денот на Европа, Македонското европско движење организира и онлајн дебата за размена на искуствата на студентите преку програмата „Еразмус плус“, како и онлајн квиз за знаењата за ЕУ, а за средношколците, пак, објави конкурс за најдобар есеј на тема „Заедно за иднината на Европската Унија“.