Трејнинс фор ол е меѓународна платформа што е формирана во нашата земја и што ќе ги вмрежува сите тренери и тренинзи на едно место.

– Платформата ги вмрежува сите оние организации, тренинг-центри, обучувачи и индивидуалци, кои придонесуваат за издигнување на свеста за потребата на надградување на личниот и професионалниот потенцијал. Преку неа, сите што се дел од платформата добиваат можност на лесен и едноставен начин да ја презентираат својата работа и со тоа да се вмрежат со нивни колеги, во Македонија и пошироко – изјавија Маја Ацески и Марина Анчевска, основачките на оваа платформа.

Главното мото е „Сѐ е возможно ако го правиме заедно“. Покрај вмрежувањето, платформата има цел да ги класифицира сите понуди, да ја истакне професионалноста на тренинг-центрите и тренерите, како и да понуди едноставност во барањето каков било тренинг, обука или настан.

– Платформата до декември нуди промотивно бесплатно членство, а од наредната година членството можете да го продолжите по достапна цена. „Трејнинс фор ол“ на своите членови им нуди уникатна можност бесплатно да ја презентираат својата работа и да ја доближат до своите клиенти. Ова е прва платформа од ваков тип во Југоисточна Европа на која може да се најдат широк спектар на тренинзи поврзани со животниот стил, кариерата, бизнисот и личниот развој – велат основачите.

Платформата е интересна и за бизнис-секторот бидејќи отсега барањето соодветен тренинг за вработените ќе биде достапно само со еден клик.