Фото: Игор Бансколиев

Следејќи ги светските трендови, каде што електричниот погон зема сѐ поголем замав, група ентузијасти од Скопје, здружени во „ББ класик карс“, конструираа македонски електричен автомобил, наречен „ЗАС Г20“. Станува збор за реставрирано „фиќо“, во кое се вградени електричен мотор, батерии и сета преостаната опрема потребна за конверзија на бензинскиот во електричен погон

­Во време кога загадувањето на воздухот во македонските градови бележи рекорди, а Скопје, Тетово, Битола и другите градови постојано се на врвот на листата на светски најзагадени места, се наметнува прашањето што во најкраток рок би можело да се стори за да се намали загаденоста. Голем број студии, истражувања, но и секојдневни опсервации, покажаа дека транспортот е една од причините што придонесуваат за загадувањето. Возниот парк во државата е доста стар, а речиси половина од возилата се на дизел-погон, кој важи за поголем загадувач.

Следејќи ги светските трендови, каде што електричниот погон зема сѐ поголем замав, група ентузијасти од Скопје, здружени во „ББ класик карс“, конструираа македонски електричен автомобил, наречен „ЗАС Г20“. Станува збор за реставрирано „фиќо“, во кое се вградени електричен мотор, батерии и сета преостаната опрема потребна за конверзија на бензинскиот во електричен погон. Возилото е придвижено од 20-киловатен мотор, има нула емисија на јаглерод диоксид, а со едно полнење на батериите може да помине до 150 километри, во зависност од начинот на возење. Максималната брзина му е ограничена на 130 километри на час. Батериите се полнат за три до три и пол часа на домашен мрежен приклучок, додека на брз еднонасочен полнач полнењето одзема 15 минути.

Големата економичност на овие возила, издржливоста, ниското ниво на бучава, придонесуваат сѐ повеќе ентузијасти да се ангажираат во оваа насока, односно во конвертирање на бензинските во електрични автомобили.

Фото: Игор Бансколиев

Во време кога и градските власти најавуваат набавка на еколошки автобуси на природен гас, за да се намали нивото на штетни честички во воздухот од издувите на возилата, и некои фирми низ градот ја следат оваа логика, едни преку мали електрични двоседи за достава на пица или поштенски пратки, а други службените обврски ги завршуваат користејќи електрични скутери и тротинети.

Како и да е, ова се пионерски чекори, но во време кога дишеме токсичен воздух и кога мерките што ги предлага државата се на подолг рок, останува сѐ на свеста и совеста, но и на џебот на граѓаните, кои во обид барем малку да придонесат за намалувањето на загадувањето, се решаваат преку лични примери да покажат што треба вистински да се преземе.

Фото: Игор Бансколиев