Во Хелсинки, главниот град на Финска, веќе нема да се служат јадења од месо на семинарите, приемите и на други јавни настани, за да се намали емитувањето на јаглерод диоксид. Наместо тоа, градските власти планираат да понудат вегетаријанска храна и локална риба. Лиса Кивела, директорка за комуникации на Хелсинки, изјави за АП дека промената стапува во сила од јануари и ги исклучува кафетериите во училиштата и на работните места што ги води градот.
Политиката што ја усвои Градското собрание, исто така, дозволува отстапување за одредени посети на високо ниво или слични настани што ги организира градоначалникот на Хелсинки, Јухан Вартиаинен, или повисокиот градски менаџер. Оваа политика исто така предвидува дека кафето, чајот, млекото од овес и производите како банани, што ќе бидат понудени, ќе мора да се набавуваат од „фер“ производители.
Локалната влада во соопштението наведе дека оваа мерка е дел од поголем напор, чија цел е намалување на влијанието на храната врз климата.