Иако сателит направен од дрво звучи како концепт од времето на Леонардо да Винчи, финската компанија „Арктик астронаутик“ навистина сака еден таков да биде лансиран до крајот на оваа година.

Станува збор за микросателитот „ВИСА Вудсат“ направен од иверица, кој беше подигнат 30 километри над Земјата со метеоролошки балон. Тој бил пуштен во стратосферата за да се тестира неговата конструкција од иверица во услови слични на оние што преовладуваат во вселената.

Сателитот содржел стап за самослик за да го документира своето патување, како и пакет сензори од Европската вселенска агенција.

Сателитот во форма на коцка од четири инчи е изработен од компанијата УПМ, а тоа е вакуумска комора обложена со тенок слој алуминиум-оксид, за да се спречи деградација поради високореактивниот кислород над атмосферата на Земјата. Малите дрвени сателити се направени за поедноставна радиокомуникација и можат да испраќаат пораки и фотографии низ целиот свет користејќи преносни станици на земја. Тие се всушност поисплатливи верзии на сателитите на „Арктик астронаутик“, дизајнирани да ги користат студентите за едукативни цели.

Летот на „Вудсат“ траеше речиси три часа, по што балонот пукна како што се очекуваше и сателитот беше спуштен на Земјата. Успешно беше пронајден без неочекувано оштетување. Сателитот ќе биде лансиран во орбитата со употреба на ракетата „Електрон“. Дрвените сателити се поевтини и многу поеколошки од алуминиумските и челичните. За секој тон челик се емитуваат 1,9 тон јаглерод диоксид, односно 11,5 тони јаглерод диоксид во случајот на алуминиумот.