Кој може да си замисли во работната книшка да забележи 80 години стаж? Верувале или не, токму толку години минат труд има совршената баба на филмот и на телевизијата – Бети Вајт. Далеку зад неа се Клинт Иствуд, Мајкл Кејн, Џек Николсон, Ентони Хопкинс, Шон Конери, Џуди Денч и Морган Фриман.

Сите тие се холивудски ветерани што поголемиот дел од својот живот ѝ го посветиле на кинематографијата. Дури и на најсјајните ѕвезди во филмското соѕвездие не им е лесно да останат во игра и да бидат на списокот на режисерите кога се делат добри улоги. Но на некои од нив сепак им успеа да остварат повеќедецениски стаж во индустријата на подвижните слики, која не е секогаш толку привлечна колку што изгледа.

Еве некои примери на ѕвезди со долг стаж.
Морган Фриман остварил работен стаж од 48 години. По филмското деби во 1971 година кариерата на глумец со еден од најпрепознатливите гласови на светот не се развивала доволно брзо. Втората улога ја добил дури по девет години, а во 1987 година бил номиниран за „оскар“. Тој е добитник и на два „златни глобуси“ и на „сребрена мечка“. Одиграл десетици улоги, од кои некои се влезени во учебниците за глума, како на пример онаа во филот „Бегството од Шошенк“. И во 82-та година Фриман има „блокбастери“, управува со авион, одгледува пчели…
Шон Конери може да се пофали со нешто поголема бројка. Еден од најпознатите Шкотланѓани на светот има кариера долга 59 година. Тој може да се пофали дека се запишал на списокот на најдобрите толкувачи на ликот на тајниот агент Џејмс Бонд, кого го толкувал шест пати. И Конери на своите полици има златни статуетки, „златен глобус“, „сатурн“ и две награди „бафта“.

Исто толку години стаж има и Ентони Хопкинс, глумец овенчан со „оскар“, две награди „еми“ и четири награди „бафта“. Првата поголема улога ја имал во филмот „Зимата на еден лав“, пред 51 година, кога го толкувал ликот на Ричард Лавовско Срце. Светска слава му донесе улогата на Ханибал Лектор во филмот „Кога јагнињата ќе стивнат“. Интересно е дека од 118 минути, колку што трае филмот, тој доби само 15. Сосема доволно да освои „оскар“.
Џуди Денч е три години подолго во светот на филмот од овие двајца колеги. Кариерата ја почнала во 1957 година, но и денес, иако има 84 години, сѐ уште снима. Светска слава стекна играјќи ја шефицата на Џејмс Бонд, познатата Ем. „Оскар“ доби за улогата во филмот „Вљубениот Шекспир“. Интересно е дека и таа доби само осум минути на филм, дури седум помалку од Хопкинсовиот Лектор за да се запише во историјата на светската кинематографија. Но кога сте голем глумец, времето што ви е доделено, очигледно не игра голема улога. Денч дури седум пати била номинирана за „оскар“, а добитничка е и на два „златни глобуси“.

Една година стаж повеќе од оваа англиска дама има Џек Николсон, кој за „оскар“ е номиниран рекордни 12 пати! Златната статуетка трипати ја однел дома. Светот го препозна великанот кога заигра во култниот филм на Милош Форман „Летот над кукавичиното гнездо“. Тој има 82 години, но и понатаму снима, се занимава со колекционерство и страсно навива за Лејкерси.
Мајкл Кејн, пак, пред шест години најави дека ќе замине во пензија кога ќе наполни 90 години. Но има намера претходно да го освои третиот „оскар“.

Клинт Иствуд, кого светот го запозна благодарение на вестерните на Серџо Леоне, има 64 години актерско искуство, што е доволно да се најде на врвот на списокот. Но тука е симпатичната Бети Вајт, која е неприкосновено на врвот. Таа досега петпати добила „оскар“ и има неверојатни 80 години стаж во светот на филмската индустрија. Идеалната баба на филмот и телевизијата, како што ја нарекуваат американските медиуми, својата кариера ја почнала во далечната 1939 година. Уште тогаш можела да стане ѕвезда, но одлучила да им се приклучи на волонтерите на фронтот. Во раните 1950-ти Бети станала првата главна хероина на ситкомот „Животот со Елизабета“. Има добиено и шест награди „еми“, а во текот на осумдецениската кариера, освен снимањето филмови, активно работела на радио, го позајмувала гласот во цртани филмови, вклучувајќи ги и „Симпсонови“.