Сега, кога конечно сме дома повеќе од вообичаено, можеме да ги искористиме овие денови, меѓу другото, и за да уживаме во гледање филмови. Денес постојат многу филмови за кои може да се каже дека станаа дури и дел од општата култура, а сигурни сме дека има барем еден филмски класик што никогаш досега не сте имале можност да го гледате. Времето во изолација е совршено време да го надоместите она што сте го пропуштиле. Ви претставуваме листа на едни од најдобрите, често заборавани филмски класици што дефинитивно треба да ги гледате.

1. „Животот е убав“

Ова е еден од најпознатите италијански филмови, снимен во 1997 година. Станува збор за трагикомедија во режија на Роберто Бенињи, кој ја игра и главната улога во филмот. Приказната се врти околу Гвидо, кој се вљубува во учителката Дора, непосредно пред избувнувањето на Втората светска војна. Но набргу филмот нè носи низ трагедиите на нацистичките логори, каде што Гвидо завршува заедно со својот син, кому новонастанатиот хаос се обидува да му го прикаже како игра.

2. „Друштво на мртвите поети“

„Друштво на мртвите поети“ е американска драма од 1989 година во режија на Питер Вир, а главната улога ја има актерот Робин Вилијамс. Дејството на овој филм се случува во аристократската и конзервативна академија „Велтон“ во Вермонт, САД во 1959 година, и ја раскажува приказната на професорот по англиски јазик кој ги инспирира своите студенти да ги променат своите конформистички животи преку неговите предавања на поезија и литература.

3. „Островот Шатер“

Доколку веќе сте го пропуштиле, ова е филм што треба да го гледате што е можно поскоро. „Островот Шатер“ е фантастичен психолошки трилер, на режисерот Мартин Скорсезе, во соработка со актерот Леонардо ди Каприо, кој ја глуми главната улога. Теди Даниелс (Ди Каприо) и неговиот нов партнер Чак Аул (Марк Руфало) се федерални полицајци, кои добиваат задача да го истражат исчезнувањето на една пациентка од психијатриската болница сместена на еден остров во близината на Бостон. Филмот е снимен според истоимениот роман на Денис Лихејн од 2003 година.

4. „Добри момци“

Младиот Хенри, кој го глуми познатиот актер Реј Лиота, уште како дете ѝ се придружува на злогласната мафијашка организација и наскоро го добива сето она за кое некогаш мечтаел – жени, автомобили, пари и почит. Негови најблиски соработници се Томи де Вито (Џо Пеши) и Џими Конвеј (Роберт де Ниро). Овој култен криминалистички филм од 1990 година е дефинитивно филм вреден за гледање, дури и повеќе од еднаш!

5. „Евтини приказни“

„Евтини приказни“ е американски акциски филм од 1994 година, во режија на Квентин Тарантино, кој е автор и на сценариото, заедно со Роџер Ејвери. Познат е по различното нелинеарно дејство, дијалозите и ироничната мешавина на хумор и насилство. Филмот беше номиниран дури за седум „оскари“, вклучувајќи го и оној во категоријата за најдобар филм.