Документарниот филм „250 скали“, работен по идеја на македонскиот новинар Живко Здравковски, а посветен на кошаркарските светски шампиони, ќе го отвори Седмиот меѓународен фестивал на спортски филм на Златибор во четврток (7 јуни). Според најавата на организаторите, специјални награди на фестивалот ќе добијат бројни врвни спортски имиња од просторите на поранешна Југославија (Душан Ивковиќ, Драгослав Шекуларац, Дејан Станковиќ, Ивица Осим…).

Филмот „250 скали“ ќе биде прикажан во конкуренција за најдобар спортско-документарен филм, по што се очекува да биде повикан и во официјалната конкуренција на 36-тиот Меѓународен фестивал на спортски филмови што ќе се одржи во Милано од 14 до 19 ноември годинава, кој пак е своевиден финален светски саем на најдобрите филмови од претходните 16 годинешни фестивали. Фестивалов во Златибор е еден од тие 16 фестивали што се одржуваат на 4 континенти (Азија, Европа, Африка, Америка), односно е еден од петте во Европа.