Во Сараево заврши снимањето на краткометражниот игран филм „Знакот“ на Елеонора Венинова, кој ќе го отвори годинашното издание на „Канс директорс фортнајт“. Како што соопшти Агенцијата за филм, „Знакот“ e еден од петте краткометражни играни филмови снимени како дел од проектот „Саутист јуропиан фактори“, проект за соработка меѓу пет држави од регионот, меѓу кои е и Македонија. За реализацијата на овој проект, како што се наведува во соопштението, беа водени разговори со филмските центри од регионот од минатиот Кански филмски фестивал, по што кон крајот на минатата година од страна на Агенцијата за филм беше потпишан и договор за негова реализација.

Краткометражните филмови ќе имаат светска премиера овој мај на Канскиот филмски фестивал, на отворањето на програмата „Канс директорс фортнајт 2019“. Во Кан, каде што ќе се прикажат филмовите што се дел од овој проект, Елеонора Венинова ќе има можност да го претстави и својот прв долгометражен проект пред филмски професионалци на Канскиот филмски фестивал и Филмскиот маркет.