Промотивниот документарец „Виа Динарика – македонската авантура“, кој во конкуренција на 180 филмски дела на автори од 40 земји беше избран да го отвори 10-то јубилејно издание на „ЕХО-фестивал на планински филм“ во 2019 година, беше промовиран во просториите на „Јуроп хаус“ и неодамна имаше и ТВ-премиера. Филмот следи четири лични авантуристички приказни, испреплетени на Виа Динарика во Македонија, меѓусебно поврзани преку љубовта кон природата, планините, традицијата и страста на овие луѓе да го споделат тоа со светот. Ситуацијата во која живееме ги измени плановите за промоција и прикажување на овој документарец на разни настани и фестивали, па следејќи го примерот на многу други, сега можете да го погледнете на интернет.

Инаку, Виа Динарика како културен и авантуристички коридор ги поврзува Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија и Македонија, за подобрување на туризмот, фокусирајќи се на локалните заедници и нивниот одржлив развој. Препознаена е од дел од највлијателните светски медиуми, вклучувајќи ги „Лонли планет“, „Њујорк тајмс“, „Аутсајд магазин“ и други, а од „Нешенел џеографик“ беше прогласена за една од најдобрите 10 светски дестинации за 2017 година.

Филмот е продуциран во соработка со „Диверс филм продакшн“, во рамките на проектот за локална и регионална конкурентност, финансиран од Европската Унија и од македонската влада и администриран од страна на Светската банка. Продуцент е Александар Донев, копродуцент и директор на фотографија е Самир Љума, режијата и монтажата се на Сергеј Георгиев, а камерата на Андреј Ѓорѓиевски.