Додека глобалните забрани за патување претставуваат ризик за летните одмори, еве неколку филма што ќе ве одведат и прошетаат низ улиците на Њујорк, од Северниот остров во Нов Зеланд, па до пештерите од варовник во источна Шпанија – и тоа без да се поместите од вашата софа.

1. Сакате ли да го видите Париз во 1950-тите? Тогаш погледнете го „Смешно лице“(1957)
Овој мјузикл од Стенли Доне ја раскажува приказната за уредничката на моден магазин (Кеј Томпсон), која е во потрага по нова муза. Со помош на фотографот (Фред Астаир), таа ја открива Џо (Одри Хепберн), девојка што работи во книжарница и која не прифаќа лесно да стане нивна моделка. Но, за кратко време, триото веќе пее и танцува низ познати локации во Париз, како музејот „Лувр“ и градините Туилерие, како и кејот на Сена.

2. Ви недостига бурната атмосфера на улиците на Њујорк? Дајте му шанса на „Направи ја вистинската работа“ (1989)
Неколку филма успеваат да го доловат лудилото на њујоршките улици во текот на летото, меѓу кои и овој класик на Спајк Ли. Ова огледало на расните односи и полициското насилство не заборава да биде и многу смешно исто така, особено благодарение на галеријата со шарени ликови и саундтракот што го обележи своето време. Спајк Ли го игра Муки, доставувач на пица, кој живее во населбата Бедфорд-Стајвесант во Бруклин.

3. Дали сонувате да одите на авантура во Нов Зеланд? „Паи“ (2002) ќе ве одведе на една таква
Ова независно дело на Ники Каро се заснова на маорскиот фолклор. Кејша Кесл-Хјуз ја игра улогата на Маори, девојка што е решена да стане водач на нејзиното племе, улога што никогаш порано не ѝ била доделена на жена. Затоа таа мора да ја докаже својата вредност оддавајќи им чест на своите предци. Снимен во Вангара, на живописниот Северен остров во Нов Зеланд, филмот претставува љубовна песна за регионот со долги заливи, стрмни карпи и домородни заедници.

4. Сте посакале некогаш да се изгубите во метежот и вревата на Токио? Гледајте го „Изгубени во преводот“ (2003)
Скарлет Јохансон е маестрална во овој филм на Софија Копола, кој ја раскажува приказната за двајца Американци изгубени во Токио. Таа ја игра Шарлот, млада дипломирана студентка, која патува со својот сопруг фотограф во Јапонија, кога ќе се сретне со Боб (Бил Мареј), актер во средовечна криза. Нивното пријателство е запечатено со посетата на слабо осветлените караоке суши-ресторани и тивки храмови. Тие се вљубуваат во градот додека се вљубуваат еден во друг.

5. Доколку имате желба да патувате со мотор низ Јужна Америка, погледнете го „Моторџиски дневници“ (2004)
Во 1952 година, Че Гевара (Гаел Гарсија Бернал) и Алберто Гранадо (Родриго де ла Серена) тргнуваат на авантурата на нивниот живот: 8.000-километарско патување со мотор, на кое преминуваат во Латинска Америка, од Буенос Аирес до Венецуела. Преку филмот на Валтер Салес го следиме нивното преминување на Андите, пустината Атакама и перуанскиот Амазон.

6. Доколку планирате духовно издигање на западниот брег на САД, погледнете го „Дивина“ (2014)
Пејзажот на 4.300 километри долгата патека што се протега од пустините на Калифорнија до шумите на државата Вашингтон служи како подвижна заднина, која го одзема здивот во филмот на Жа-Марк Вале. Рис Витерспун ја игра Шерил Страјд, жена што ќе надмине лична трагедија, благодарение на оваа соло-експедиција.

7. Сакате да се релаксирате на италијански вулкански остров? „Поголем плисок“ (2015) постои токму за тоа
Сексапилниот трилер на Лука Гвадањино се одвива на италијанскиот остров Пантелерија. Филмот ги следи рок-ѕвездата (Тилда Свинтон) и нејзиниот придружник (Матијас Шоенартс), кои ги поминуваат деновите во пливање, шетање и уживање во долгите ручеци под сонцето – сѐ додека ненадејно не пристигнат нивниот стар пријател (Ралф Фајнс) и неговата мистериозна ќерка (Дакота Џонсон).

8. Ако сакате да ја откриете Шпанија, тогаш гледајте го „Болка и слава“ (2019)
Во овој полуавтобиографски филм на Педро Алмодовар, Антонио Бандерас го игра Салвадор Мало, режисер во криза. Обземен од летаргија, Мало се враќа во духот на своето среќно детство од 1960-тите, кога со својата мајка (Пенелопе Круз) се преселуваат во волшебниот град Патерна, на истокот на Шпанија. Ова место направено од бели пештери, бистри реки и цветни полиња е волшебно и му дава на филмот меланхоличен тон на изгубен рај.