По сѐ изгледа, „Зараза“ е најприближен до актуелните настани, со оглед на тоа дека холивудските вeрзии на глобалната пандемија често одат во фантастични насоки, раѓаат војска на зомбија, како во филмовите „Омегамен“, „Светска војна З“ и „Пандемија“

Филмот од 2011 година, „Зараза“, чие дејство има голема сличност со неодамнешната појава на коронавирусот, е сѐ попопуларен на Ајтјунс, што говори за тоа дека луѓето, водени од стравот, често jа користат фикцијата како начин да се соочат со реалноста. Но „Зараза“ е само еден од многуте филмови што обработиле слични теми, а најчесто тоа е спој на научна фантастика и научни факти. Сепак, по сѐ изгледа, „Зараза“ е најприближен до актуелните настани, со оглед на тоа дека холивудските вeрзии на глобалната пандемија често одат во фантастични насоки, раѓаат војска на зомбија, како во филмовите „Омегамен“, „Светска војна З“ и „Пандемија“.

Сепак, филмовите за заразите допреа некои малку потрезвени теми, што говорат за тоа дека на човештвото не му се заканува уништување од нуклеарно оружје, што беше омилена тема во 1950-тите и 1960-тите години, туку мнoгу помали убијци – микробите.
Еден од постарите филмови на оваа тема е трилерот „Вирус анромеда“ од 1971 година, кој се базира на книгата на Мајкл Крајтон, сценарист, продуцент и познат автор на низа бестселери, кој повеќепати им се враќал на концептите во кои научните и технолошките откритија создале егзистенцијални закани за човештвото, како што се „Западен свет“ и „Паркот Јура“.

Во рамките на овој жанр се наоѓаат два филма од 1995 година: „12 мајмуни“, со приказна за користење на патување низ времето, за да се истражат околностите што довеле до ширење на смртоносниот вирус што го усмртил речиси целото човештво, како и филмот „Смртоносен вирус“, во кој заразата ја шири мајмун пренесен од Африка во САД. Ширењето на заразата бара и ангажирање на тим лекари, на чело со Дастин Хофман, кој открива дека вирусот убива во рок од 24 часа, па за напнатоста на филмот придонесува трката со времето што е потребно да се пронајдат изворот на заразата и серумот и да се спасат луѓето од ширење на смртоносниот вирус.

Минатата година мрежата Нешенел џеографик ја емитуваше мини-серијата „Жешка зона“, која е инспирирана од вистински нaстан од 1989 година. Станува збор за напорите да се заузди вирусот на ебола, кој првпат се појавил на американска почва кај мајмун во предградието на Вашингтон, наведува Си-ен-ен.

Сепак, „Зараза“ е најмногу поврзан со моменталната опасност, а дејството почнува со жена (Гвинет Палтроу), која од Хонгконг се враќа во Минесота со чудна болест. Таа умира само за неколку дена, оставајќи го својот сопруг (Мет Дејмон) во шок. Во прашање е вирус што се шири со допир, а луѓето мораат на сите начини да ја избегнат инфекцијата, додека научниците се обидуваат да откријат како настанал вирусот и да го уништат.
Во филмот се појавуваат огромен број ликови, со свои лични приказни, кои се меѓусебно испреплетени, а даден е акцент на брзината со која се шири и на разорната моќ на вирусот.

Иако филмот содржи силно предупредување, кое е поактуелно денес отколку кога е направен, тој суптилно говори за тоа како една погрешна одлука на политичар или некој непромислен потег може да имаат погубен домино-ефект, што ќе го посее семето на уништување во огромниот и меѓусебно поврзан свет. Во таа смисла, „Зараза“ е филм што треба да се погледне, како потсетник за тоа дека некои од најстрашните приказни не вклучуваат натприродни закани туку оние што се најблиску до реалноста.