Понекогаш ни е потребно да избегаме од реалноста и од секојдневието, а не постои подобро средство за тоа од книга, добра серија и, се разбира, филм. Меѓутоа, во овој тежок период најмногу ни годат токму оние филмови што не оставаат горчлив вкус во устата. Напротив, нѐ разведруваат и нѐ поттикнуваат да гледаме на животот од убавата страна.
Издвоивме десетина наслови што ќе ве утешат, расположат, со кои ќе се опуштите дома со своите најблиски и барем час-два ќе ви помогнат да заборавите на изолацијата, полицискиот час и на проблемите со кои се соочувате во моментот.

„Природна русокоса“

Не постои подобар женски лик од Ела Вудс, во миговите кога сакаме да заборавиме на сѐ и само да се опуштиме. Една од најпознатите улоги на Рис Витерспун ќе ве врати во 2000 година, ќе ве насмее со нејзините познати изјави и патем ќе ве потсети дека не треба да им верувате на стереотипите.

„Ѓаволот носи прада“

Мерил Стрип во својата кариера имала голем број фантастични улоги во многу посериозни филмови од овој. Меѓутоа, улогата на лошата шефица Миранда Присли совршено ѝ одговара. Во комбинација со Ен Хатавеј, овој филм нуди вистинска доза од светот на модата, приказна за патот до врвот и на сите жртви што таа амбиција ги бара.

„Скок од 13 на 30“

Еден од омилените филмови за опуштање, исто така, е комедијата со Џенифер Гарнер во главата улога. Тринаесетгодишна тинејџерка, која еден ден се буди во тело на возрасна жена, со својот лик ни ја доловува вистинската доза детска невиност соочена со проблемите на возрасните. Тешко е да не се вљубите во оваа приказна за (нагло) растење, како и романтичната и урнебесна афера што главната хероина ја има како возрасна жена со Марк Руфало.

„Дневникот на Бриџит Џонс“

Тешко е да се надмине симпатичната Рене Зелвегер како Бриџит Џонс. Чувствуваме дека е една од нас, со голем број ситни животни проблеми, вишок килограми и несреќна љубов. Оваа романтична комедија веќе има статус на своевиден филмски класик, но секогаш останува прашањето: господинот Марк Дарси или шармантниот Даниел Клевер.

„Време е“

Романтичната комедија на Ричард Куртис со Рашел Мекадамс и Домнал Глисон во главните улоги е идеална комбинација на хумор, романтика и солзи. Го следи Тим Лејк, момче од 21 година, кое сака да открие дали е можно да се патува низ времето. Прашање е само дали ќе го искористи тоа на вистински начин.

„Луди, богати Азијци“

Ова сигурно е еден од најпопуларните филмови во 2018 година. Не само што се истакна поради расното деградирање туку и поради самото дејство, кое на иновативен и духовит начин ги искористува веќе познатите клишеа на романтичните комедии. Филмот ги следи Рејчел Чу и нејзиниот партнер Ник Џонг, кои патуваат во Сингапур на венчавката на неговиот најдобар пријател. Меѓутоа, Ник заборава да ѝ напомене за клучните детали во врска со своето семејство: на пример за тоа дека е едно од најбогатите во земјата.

„Петок“

Комедијата од 1995 година со Ајс Куб и Крис Такер во главните улоги ќе ви ги оттргне мислите од реалноста и вистински ќе ве насмее. Раперот Креиг добива отказ и го минува денот со пријателот Смоки, кој има уште поголеми проблеми од неговите. Меѓутоа, што ќе направат кога ќе сфатат дека му должат 200.000 долари на локалниот дилер на марихуана и дека долгот мораат да го вратат до 22 часот истиот ден?

„Пеејќи на дождот“

Мјузиклите се идеални за опуштање. Еден од најпознатите е „Пеејќи на дождот“ од 1952 година. Денес на него се гледа како на класичен холивудски мјузикл, а несомнено за тоа се заслужни глумците: Џин Кели, Деби Рејнолдс и Доналд О’Конор. Ако сакате да се опуштите со култните песни и со фантастичната кореографија на танцовите точки, тогаш секако погледнете го филмот што го смени Холивуд.

„Брилијантин“

Не е потребно многу да се зборува за еден од најпопуларните мјузикли. Младите Џон Траволта и Оливија Њутн Џон ги играат улогите што им ги обележија животите. Веруваме дека и овој пат ќе ве воодушеват со атмосферата од 1950-тите и 1960-тите години, со откаченото танцување и со хит-песните. Не е можно да се чувствувате напнато откако повторно ќе се потсетите на „Брилијантин“.