Првпат по 25 години на фестивалот одекнаа и звуците на оригиналната гајда на основачот и голем уметник Пеце Атанасовски. Со неа засвири професорот Горанчо Ангелов

Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, кој традиционално се одржува во Прилеп и Долнени и ги негува македонскиот фолклор и традиција, викендов прозвуче по 47. пат. Радува фактот што голем дел од годинашните околу 300 учесници беа млади. Според Родна Величковска, уметнички директор на Фестивалот, ова е знак дека изворниот мелос се пренесува на помладите генерации.
По двете фестивалски вечери беа доделени и наградите. Машкото вокално трио од КУД „Кирил Пејчиновиќ“ од Теарце доби гран при за најдобра изведба на 47-от фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Гајдата на Пеце за најдобар гајдаџија замина во рацете на Филип Арилон од Велес.
Според жирито, етномузиколозите д-р Родна Величковска и м-р Стојанче Костов од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје и д-р Горанчо Ангелов од музичката академија при универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, машкото вокално трио од КУД „Кирил Пејчиновиќ“ од Теарце многу успешно го претставило посебното гласоечко пеење од долнополошкиот регион, кое е заштитено од УНЕСКО како нематеријално културно наследство, додека младиот гајдаџија Филип Арилон успешно ги пренел звуците на гајдата, покажувајќи ја умешноста на свирењето на овој народен инструмент.

На фестивалот, како што велат надлежните, се доделени и 10 специјални награди-статуетки за успешно негување на изворниот мелос од групи и поединци.
Четириесет и седмиот фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски “, освен во Прилеп, се одржуваше и на Рудина, Долнени. Учесниците велат дека е извонреден фестивал, на кој се пренесува изворниот македонски фолклор и мелос и треба да се одржува и негува. Годинава учествуваа околу 300 изведувачи, групи и поединци, од сите краишта на земјава.

Првпат по 25 години на фестивалот одекнаа и звуците на оригиналната гајда на основачот и голем уметник Пеце Атанасовски. Со неа засвири професорот Горанчо Ангелов, кој посочи дека му било милина на душата што свири на инструментот на неговиот учител.
Се одржаа и семинар за изучување на народните инструменти и песни (онлајн) со 12 млади учесници од Кочанско и Прилепско и симпозиум на тема „Фолклорот во минатото и денес“ со еминентни етномузиколози, а е издаден и Зборник на трудови од фолклористиката.
Фестивалот се одржува под покровителство на Министерството за култура и со поддршка на општините Прилеп и Долнени.