Фото: Игор Бансколиев

Овој убав историски настан како сите да нѐ разбуди од апатијата и веднаш со ведрите и досетливи коментари се покажа колку малку им треба на луѓето за да се почувствуваат горди и важни

Фудбалската репрезентација го разбуди духот на народот

Лавина од позитивна енергија предизвика вчера победата на македонската фудбалска репрезентација на стадионот „Динамо“ во Тбилиси, Грузија. Голот на капитенот Горан Пандев со кој извојувавме победа над грузискиот национален тим ни ги отвори вратите на Европското фудбалско првенство, сон што стана јаве по цели 27 години.
Веднаш по завршувањето на натпреварот, иако во услови на глобална пандемија, улиците во сите градови се раздвижија, свиреа сирени и се вееја македонски знамиња, а социјалните мрежи експлодираа од честитки до нашите спортски лавови, кои, како и неколкупати досега кога постигнувавме врвни спортски резултати во меѓународни рамки, повторно го сплотија народот.
Овој убав историски настан како сите да нѐ разбуди од апатијата и веднаш со ведрите и досетливи коментари покажавме колку малку им треба на луѓето за да се почувствуваат горди и важни, ја видовме светлината на крајот од тунелот и го почувствуваме победничкиот дух.
Се чини херој на вчерашната победа, се разбира освен Горан Пандев и целиот тим на чело со селекторот Игор Ангеловски, е и коментаторот на македонската телевизија Тони Стојановски, чиј изблик на радост и патриотски чувства допреа многумина што ги споделуваа неговите зборови.

– Кога ни оспоруваат и име и презиме и нација и ген, еве нѐ во Европа. Меѓу сите тие што ги описменивме. Ќе нѐ дочекаат наредниот јуни, ќе ја поздрават нашата репрезентација. Ќе стојат мирно на нашата химна! Ова е порака од сите православни христијани, Македонци, Албанци, Турци што играат за оваа репрезентација. Дека нашата држава треба да ја чуваат тие што ја водат – и едните и другите и третите и четвртите! Ова е голема победа за Македонија, ова е победа за радост на душата. Ќе цитирам делови од нашата поезија: „Сега душата се радува зашто има зошто“. Оваа Македонија ќе живее. Ќе живее уште! – рече со многу емоции Стојановски на крајот на историскиот натпревар.
Тој го кажа она што многумина го мислат, прокоментираа некои на социјалните мрежи, а еден од нив напиша: „Тони да се прогласи за лауреат во наредните 10 години на Струшките вечери на поезијата и академик во МАНУ и професор на Катедрата за македонски јазик и книжевност и лидер по ораторство и почесен граѓанин на Македонија и национална пензија да му се даде…“
Исто така интересен е и коментарот дека „Од судбина не се бега, било пишано струмичанец да нѐ внесе во Европа“ или „Додека еден струмичанец само ветува дека ќе нѐ внесе во Европа, друг струмичанец го направи тоа“.

И додека македонските фудбалери виеја победничко оро на песната „Бисер балкански“ на стадионот „Динамо“, а на прес-конференцијата ја пееја „Излези момче право на тераса и поздрави ја Гоцевата раса“, на социјалните мрежи можевме да прочитаме: „Среќа што никој не вети пред избори дека ќе играме на Европско првенство во фудбал“, „Од денес почнува штедење за Европско“, „Замислете во албумот на ’Панини‘ за Европско првенство ќе го има и македонскиот тим“.
Духовитоста не ги заобиколи ниту нашите односи со соседна Бугарија, за што говори и оваа објава: „Која е разликата меѓу Македонците и Бугарите? Додека Македонија ќе игра на Европско, Бугарите само ќе навиваат“. Тука е и ироничната забелешка: „Во која група е Бугарија на Европско“ и „Најнова вест – Бугарите сепак ќе играат на Европско, ама на плејстејшн“.
Голем интерес предизвика и забелешката: „Најблиску до овој успех беше кога Маја Вукичевиќ го запозна Бекам во Скопје“ или „Само Тамара да не истетовира Пандов наместо Пандев, кој ќе ги трпи сеирџииве!“. Во тој стил е и апелот до министерот за здравство Венко Филипче: „Не пуштај бројки, денеска сите сме позитивни“.
Се разбира, не беше поштедена ниту Европа со нејзиниот арогантен став, па, така, некој напиша: „Европо не мора да нѐ сакаш ние сами ќе ти дојдеме“, како и: „Европо сакала или не, ние ти влеговме“!

И солзите радосници беа цел во повеќе коментари, а меѓу нив е и следниот: „Плаче Пандев, плачам јас, плаче син ми, плаче маж ми. Конечно и ние да плачеме од радост“.
Во сите реакции, коментари, објави и честитки едно беше заедничко: радоста, гордоста и големата благодарност до нашите спортски херои, со кои повторно се почувствувавме како рамноправен дел од Европа и од светот, токму како во оваа објава: „Благодарам, македонска репрезентацијо! Вечерва сме цело, едно, заедно, сплотени, сите, без делби, сите етнички заедници, сите сме Македонија! Мал чекор некој ќе рече, ама голем е како да сме се качиле на Месечината! Колку малку ни треба за радост! Ајде Македонијо!“.