Компанијата „Фејсбук“ прави верзија на Инстаграм што ќе биде наменета за деца под 13-годишна возраст, пренесува списанието „Пипл“.
– Децата сѐ повеќе ги прашуваат родителите дали може да се приклучат на апликации што им помагаат да бидат во тек со своите пријатели. Во моментов нема многу опции за родителите, затоа работиме на создавање дополнителни производи (како што направивме со Месинџер кидс) што ќе бидат погодни за децата, а управувани од родителите – изјави еден од портпаролите на „Фејсбук“.
Месинџер кидс е апликација што беше направена во 2017 година и целосно ја штити приватноста на децата. За да можат децата да користат Месинџер кидс, нивните родители мора прво да ја преземат споменатата апликација на нивниот телефон, да создадат профил за нив, а потоа да одобрат со кого можат да комуницираат.
– Се обидуваме да ги поврземе Инстаграм и родителскиот надзор за да им помогнеме на децата да бидат во чекор со своите пријатели, да откриваат нови хобија и интереси и многу повеќе од тоа – велат од „Фејсбук“.
Веста за новата верзија дојде откако компанијата најави дека ќе додаде повеќе елементи за безбедност на тинејџерите во главната апликација.
Сега им е забрането на возрасни лица да испраќаат пораки освен ако малолетникот веќе не ги следи. Тинејџерите ќе добиваат известувања ако возрасниот со кој комуницираат покажува проблематично однесување (на пример, испраќање голем број пораки или барања за пријателство до лица на возраст под 18 години).