Социјалната мрежа „Фејсбук“ доставувала огромно количество лични податоци за корисници на компании како „Амазон“, „Епл“, „Блекбери“, ХТЦ, „Мајкрософт“, „Самсунг“ и десетици други производители на уреди, пишува „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на извори од самата социјална мрежа.
Како што е наведено, „Фејсбук“ има потпишано договори со најмалку 60 производители на паметни телефони и други уреди. Соработката траела околу десет години откако апликацијата „Фејсбук“ стана достапна за паметни телефони. Како резултат на договорот, користејќи АПИ (апликациски програмски интерфејси) производителите вградувале во уредите функции на социјалната мрежа, како што се размена на пораки, копче „Ми се допаѓа“ и листи на контакти. На овој начин, „Фејсбук“ го зголемил опсегот на својата публика.

Покрај тоа, според „Њујорк тајмс“, во рамките на соработката, администрацијата на „Фејсбук“ им дала на производителите не само лични податоци на потрошувачите, туку и на нивните пријатели. Ова е направено без експлицитна согласност на корисниците, па дури и по објавувањето дека таквите информации повеќе не се пренесуваат надвор од социјалната мрежа.
– Тоа е исто како при поставување брава монтерот да ги даде клучевите на сите ваши пријатели за да можат да дојдат и да чепкаат по вашите работи, без да бараат ваша дозвола – го коментира случајот Ашкан Солтани, поранешен главен технолог при Федералната трговска комисија на САД.

Во април, „Фејсбук“ почна да прекинува слични договори по скандалот со масовно протекување на податоците. Сепак, според „Њујорк тајмс“, повеќето од договорите со производителите сè уште постојат.
Во одговор на публикацијата на „Њујорк тајмс“, од „Фејсбук“ велат дека зделките со производителите се регулираат од „договори со строги ограничувања за користење на податоците“. Се забележува, исто така, дека сите договори биле од „општ интерес“, за да ги исполнат желбите на корисниците да имаат пристап до фејсбук-функции од својот оперативен систем и интерфејсот на уредите.