Меѓународниот детски фолклорен фестивал „Оро без граници“, симбол на сплотеност и ширење на пријателства помеѓу децата, оваа година го слави својот 30-годишен јубилеј, на 16 и 17 септември, во „Куршумли-ан“. Фестивалот ги бележи своите почетоци во далечната 1991 година кога се формира по иницијатива на тогашниот инструктор за фолклор Тофе Дракулевски. Главен покровител е Град Скопје, а го организира детскиот културен центар „Карпош“.
Првото фестивалско издание се реализира во 1991 година и до денес го добива епитетот на меѓународен фестивал бидејќи покрај домашните, учествуваат ансамбли и од други држави. ДКЦ со својот фолклорен ансамбл е домаќин на фестивалот, а и ја води целата организација.
– Еден од главните и најсимболични моменти на фестивалот е дефилето на учесниците, кое традиционално се движи од ДКЦ „Карпош“ до плоштадот во центарот на градот, каде што се формира најголемото оро, оро што не познава граници, кое е симбол на пријателството меѓу децата. Повеќе од 80 држави учествувале досега во периодот на постоење на фестивалот, со што „Оро без граници“ се етаблира во столб на македонската култура. Фестивалот од самото основање има ревијален карактер, во почетокот се реализира со три фестивалски вечери за сценска презентација, а потоа во една вечер. Покрај овие активности, се организираат и едукативно-забавни активности, како и посета на знаменитостите на градот Скопје.

Замислата е секогаш да се одржува на отворен простор, но во зависност од временските услови може да се одржи и во затворен. Фестивалот придонесува за зачувување и презентирање на нашата и традицијата на другите земји од светот – вели Билјана Лалчевска Серафимовска, директорка на ДКЦ „Карпош“.
Годинава, по повод јубилејот, во галеријата „Ко-Ра“, во домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, беше отворена и изложба на која беа изложени фотографии на кои се претставени членовите на ансамблот од повеќе генерации во традиционални носии од повеќе региони на Македонија. Оваа изложба има и архивско значење, а ги поврзува уметностите преку почитувањето на традицијата на танцот, музиката, носиите, вечно инспиративни и толку сугестивни во својата изворна автохтона убавина, која ја дополнуваат и употребните предмети што носат патина и носталгија на едно далечно време и будат инспирација за почитување на вредностите и во денешното и урбано живеење и навраќање на изворите што будат милозвучност, носталгија и вечен копнеж, кој се чувствува особено кај генерациите што се далеку од огништата и од зародокот на традицијата кога се далеку во дијаспората.