Викендов на локацијата кај мегалитската опсерваторија Кокино ќе се одржува третото издание на мултимедијалната културна манифестација „Кокино – тврдина на сонцето“, уникатниот фестивал, кој годинава првпат е организиран со тридневна програма од 17 до 19 септември. Во рамките на перформативната програма на „Кокино – тврдина на Сонцето“ ќе се одржат повеќе од 20 настапи на реномирани уметници од македонската сцена, вклучувајќи ги и концертите на: „Љубојна“, Дина Јашари, Тони Китановски, „Фулиш грин“, Драган и Ратко Даутовски, „Перија“, Сашо Гигов Гиш, „Сетстат“, „Летечки пекинезери“, Џенгиз Ибрахим, „Чалгија саунд систем“, „21 век“, „Тока Шитет“, Јон Ајди, диџејските сетови на Горан Кан, Флудер, Чарли и уште многу други музички изведувачи.
Покрај концертите, програмата на овој специфичен настан вклучува и театарски перформанси, кинопроекции, но и едукативни работилници, видеоинсталации, предавања, туристички прошетки, стрип-изложба, ракотворби. Во сите сегменти на настанот, секое ќоше ќе говори за сопствената историја, за уметноста инспирирана од вековите пред и по настанувањето на Кокино, до денес.

Мноштвото активности и перформанси, среде магичниот природен амбиент во подножјето на Кокино, по должината на обележаната патека/маршрута и во просторот на самата опсерваторија, ќе ни ги претстават стотина различни автори од полето на литературата, уметноста и културата, во величествен тридневен спој на различните уметнички правци од македонското творештво.
Почетокот на програмата денеска е закажан во 16.30 часот, а ќе трае до 23 часот. В сабота и в недела, 18 и 19 септември, посетителите имаат вистински ретка можност да го поминат денот на Кокино во прекрасното природно опкружување, збогатено и со програмата на фестивалот, која ќе се одвива од пладне, 12 часот, па до зајдисонце, 19 часот.
Присуството на настанот е бесплатно за посетителите, но поради специфичноста на локацијата настанот ќе биде организиран со строго ограничен капацитет и регулиран пристап до локацијата со возила, поради што ќе биде организиран автобуски превоз и посебен паркинг за автомобили, велат организаторите.