Оваа година публиката ќе има можност да ја ужива во 11-то издание на фестивалот „Здраво млади“ што ќе се одржи во Младинскиот културен центар во Скопје, кон крајот на август. Првата потврда стигна директно од Стокхолм, Шведска, и ја најавува првата група што ќе настапи на 26 август во паркот на МКЦ. „Виагра бојс“ е шведски постпанк-бенд, кој со секој нов албум станува сè подобар и подобар. Беше планиран за ланското издание, но поради компликациите произлезени од ситуацијата со коронавирусот, неговото доаѓање се одложи за оваа година.
Годинашниот фестивал на нова музика ќе понуди разновидна програма со најактуелните имиња од новиот бран на музичката сфера. Познати се и резултатите од конкурсот за дизајн на ова издание. Првонаграденото дизајнерско решение е и официјалниот визуелен дизајн на фестивалот „Здраво млади 11“, дело на Катја Штркова. Во рамките на придружната програма ќе се реализира и групна изложба со сите дизајни на уметниците што аплицираа на конкурсот. Фестивалот ќе се реализира во согласност со мерките за организирање настани на отворен простор. Билетите ќе бидат пуштени во продажба од следната недела и ќе бидат достапни на билетарницата во МКЦ и онлајн.