Промоција на новиот албум на скопскиот бенд „Фајтинг виндмилс“ – „An Exercise in Surprise LP“, како издание за независниот музички издавач „Шарла Рекордс“, ќе се случи в четврток со почеток во 21 часот во кафулето „Менада“.
„Фајтинг виндмилс“ е музички колектив составен од пет музичари собрани околу овој проект во 2007 година од кога имаат реализирано пет албумски изданија. Се работи за состав што постојано се вложува во истражување нови музички територии, внимателно градејќи го својот автентичен музички став и израз.
Стилски и жанровски се ослободени од какви било јасни одредници, иако можат да се препознаат разни влијанија од пост-рок, слободен џез, пост-панк и современата класична музика или одредени фолклорни и современи амбиетални варијации.

На новиот албум „An Exercise in Surprise“, бендот покрај веќе востановените насоки флертуваат и со елементи на современиот скандинавски џез, диско-панк и теми од соло-делниците на Чарли Паркер. Генералниот концепт и насловот на албумот се инспирирани од албум на легендарниот квинтет на Кен Вандермарк.
Целиот материјал на албумот е авторско и продукциско дело на членовите на бендот, снимен е во студиото „BPM“ од Младен Павлески, а измиксан и мастеризиран во студиото „Алшар“ од Ивица Јанкуловски. Дизајнот на албумот го изработи гитаристот на бендот Филип Букршлиев – Бука.
Албумот ќе биде достапен во облик на луксузно цеде-издание во ограничен број за време на промоцијата во четврток на која бендот во живо ќе го отсвират комплетниот албумски материјал.
„Фајтинг виндмилс“ на 1 јуни ќе настапат на годинешното издание на „Оф-фест“.