„Оф-фест 2019“

„Не пеј само за да пееш, пеј за да ги смениш работите, за да го направиш светот поубав“ е мотото на извонредната пејачка од Мали, која предизвика вистински музички земјотрес во МОБ

Третата фестивалска вечер на годинашниот 18-ти „Оф-фест“ беше во знакот на Фатумата Дијавара, африканска пејачка од Мали, која живее и работи во Франција. Скопската публика имаше привилегија да ужива со сите сетила во концертот на егзотичната 37-годишна пејачка, која зад себе има два одлични албуми: „Fatou“ од 2011 и „Fenfe“ од 2018 г., двапати номиниран за „греми“, со кои ѝ го привлече вниманието на музичката светска јавност. Но освен што е надарена пејачка, композиторка и инструменталистка, Фатумата е и позната глумица и досега играла во неколку филма, но настапувала и на париските театарски сцени. Сепак, нејзиното најголемо богатство, најсовршен инструмент е гласот, со кој си поигрува и импровизира, шепоти и гали, но и грми и опоменува.

– Денеска е 5 јуни и каква коинциденција, на овој ден лани во Скопје, во рамките на „Оф-фест“ имаше концерт Уму Сагаре, менторката на Фатумата. И сакам да ве предупредам, ова ќе биде многу силен концерт – рече најавувајќи ја ѕвездата на вечерта Оливер Белопета, првиот човек на фестивалот.

И навистина присуствувавме на еден музички, но и емотивен земјотрес, бидејќи претставувајќи ни на англиски јазик за што пее, Фату ни ги пренесе своите пораки дека бојата на кожата и разликите не се пречка, туку богатство на светот, кој во спротивно би бил многу здодевен. Оти за нејзината Африка веќе не треба да се зборува во негативна конотација, само за болести, сиромаштија, миграции, туку спротивно да им се овозможи на африканските деца да се школуваат, да им се дадат правата на жените, да се укинат наместените бракови, да се најде начин никој да не заминува во потрага по подобар живот.

„Не пеј само за да пееш, пеј за да ги смениш работите, за да го направиш светот поубав“ е мотото на Фатумата Дијавара. Таа својата сѐ поголема популарност ја користи токму за тоа, да го крева гласот против неправдите.
Уште од првата песна, Фату воспостави близок контакт со скопската публика.
– Не сме само ние на сцената заслужни за оваа атмосфера, туку и вие со својата музикалност, со чувството за ритам ја направивте оваа вечер незаборавна – рече таа.

И од песна во песна, публиката беше сѐ погласна, се чувствуваше некој електрицитет во салата, а кога при крајот Фату ги праша присутните дали сакаат да танцуваат, тие истата секунда рипнаа од своите седишта. Врв на концертот беше изведбата на песната што пејачката ѝ ја посвети на севременската Нина Симон, што ја нарече „мама“, која со својата извонредна изведба ја украсија и музичарите што ја придружуваат дивата на концертите низ целиот свет, а агендата им е навистина набиена. Одлично звучеше и нејзината најслушана песна на Јутјуб, „Nterin“, по што се повлече од сцената. На бис, Дијавара, како што било традиција на сите нејзини настапи, повика некои од присутните да се качат на сцената и да танцуваат со неа. Тоа предизвика вистински делириум и експлозија на позитивна енергија во салата.

Вчеравечер во дансинг-салата во МКЦ во рамките на балканската вечер, настапија групата „Сондорго“ од Унгарија и нашите музички амбасадори во светот „Џамбо Агушев оркестар“. Вечерва, пак, пред скопјани ќе се претстават групите „Лав енд ривенџ“ од Либан и „Ромперајо“ од Колумбија.