Најголемата мистерија за коронавирусот

Научниците се на добар пат да ја решат една од најголемите мистерии што го придружува коронавирусот, зошто некои луѓе поминуваат само со поблаги симптоми додека други се борат за своите животи. Студиите направени на пациенти заразени со ковид-19 покажале дека нашиот имунолошки систем реагира различно на оваа болест од вообичаено.
Се покажало дека имунолошкиот систем на некои пациенти реагира мошне невообичаено, така што кога одредени молекули и клетки не можат да се борат со вирусот, телото ги вклучува сите одбранбени механизми што му се на располагање. А таа неконтролирана реакција може да ги оштети здравите ткива, пишува „Њујорк тајмс“.

– Видовме неколку сосема чудни работи во различни фази на инфекцијата – вели Акико Ивасаки, имунолог од универзитетот „Јејл“ и автор на неодамнешната студија.
Кај другите вообичаени вируси, како што е грипот, имунолошкиот систем реагира така што директно го пронаоѓа натрапникот и го напаѓа, со што купува време за телото правилно да реагира. Овој прв одговор зависи од молекулите наречени цитокини, кои се формираат како одговор на вирусот.
Овие микроаларми местото им го отстапуваат на антителата и на Т-клетките, чија цел се вирусот и клетките што тој ги напаѓа. Меѓутоа, овој метод се чини дека паѓа во вода кај лицата со ковид-19.

Имено, цитокините во некои случаи не престануваат по првото предупредување да го алармираат организмот, дури и кога антителата и Т-клетките ја преземаат својата улога. Тоа значи дека првичната реакција, т.е. воспалението поради инфекцијата, не престанува дури и кога веќе не е потребно.
– Нормално е воспалението да се појави кај вирусна инфекција. Но проблемот е кога не можете да го контролирате – вели Кетрин Блиш, виролог од универзитетот „Стенфорд“.

Вирусот го збунува имунолошкиот систем

И можеби токму поради таквата невообичаена реакција кај некои пациенти, болеста трае подолго, бидејќи вирусот е во состојба да го измами нашиот имунолошки одговор. Поради тој аларм, кој не запира, нашето тело реагира посилно и истовремено се напаѓа себеси.
– Тоа е енигма. Имате силен одговор на имунолошкиот систем и вирусот сè уште се размножува – вели Авер Огаст, имунолог од универзитетот „Корнел“.
Експертите исто така наведуваат дека е можно пациентите со поблага слика да реагираат така што телото се бори против вирусот што ги напаѓа клетките, а проблемот е што кај потешки пациенти телото се однесува како да е нападнато од паразит.
Имунолошкиот систем не може да го најде вистинскиот пат до вирусот и да го неутрализира. И таа забуна се пренесува на Б и Т-клетките, кои треба да соработуваат и да се борат со болести.

И иако сè уште е рано да се каже, се чини дека коронавирусот ги спречува Б и Т-клетките да соработуваат. Затоа експертите сега го споменуваат ресетирањето на имунолошкиот систем, односно терапија со која би се вратила рамнотежата во организмот и повторно ќе би ги поврзала Б и Т-клетките.
Меѓутоа предизвик за лекарите е да ја потиснат оваа несоодветна реакција на цитокините на почетокот на инфекцијата, а не целосно да го потиснат одговорот на телото на инфекцијата. Покрај тоа, вистинскиот момент е исклучително важен. Ако пациентот премногу рано прими лек што ја ублажува реакцијата на имунолошкиот систем, тогаш одговорот нема да биде доволно силен. А доколку лекот го добие предоцна, тогаш тој веќе може да претрпи голема штета.

„Дексаметазонот“ е добра стратегија

Досега третманите што ги блокираат цитокините индивидуално не покажале значителни резултати, веројатно затоа што научниците сè уште немаат доволно податоци.
Од друга страна, стероидите како „дексаметазон“ се моќно оружје затоа што можат да потиснат повеќе цитокини одеднаш.
Експертите се согласуваат дека „дексаметазонот“ не е совршена терапија и велат дека има недостатоци, но досега се покажал добро кај сериозно болни пациенти.
– Се чини дека е добра стратегија додека не откриеме повеќе – заклучува докторката Дона Фарбер, имунолог од универзитетот „Колумбија“.