Македонското културно здружение „Стоби“ од Сплит, Хрватска, викендов ја реализираше културно-уметничката турнеја во Штип и во Скопје, со програмата „Фестивал на литературата и музиката СМОШ 2019“. Овој нивен проект има цел преку уметноста да ги промовира мултикултурното образование и демократскиот развој преку поврзување на двата пријателски народи и држави – Хрватска и Македонија. Носител на програмата беше квартетот „Клинци мандолинци“, состав што вторпат гостуваше во Македонија и повторно си замина дома со прекрасни впечатоци по настапите. Во петокот тие настапија во Штип, а во саботата и во Скопје со својата програма составена од традиционални македонски и хрватски песни.

Нивниот прв настап на турнејата беше во градската библиотека „Гоце Делчев“ во Штип, заедно со Долорес Кашуба и Трајче Јованов, а во организација на здружението „Либертас“ од Штип. Во саботата во домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје ним им се придружи претставничката од училиштето за хрватски јазик, под раководство на професор Јосип Вујиновиќ.

Квартетот од Сплит, под раководство на професорката Ивана Кенк Калебиќ, на ова гостување беше во малку изменет состав: Никола Митревски – мандолина, Мате Кошутник – мандолина, Бригита Бановиќ – мандолинчело, Горана Клишкиќ – гитара, но и овој пат тие наидоа на убав прием кај македонската публика во која имаше и припадници на хрватската заедница во земјава.

– Гостувањето беше помогнато од Сплитско-далматинската жупанија, од градот Сплит, од Туристичката заедница на градот Сплит. Посебно би сакал да ги истакнам вклученоста и помошта во организацијата на „Нова Македонија“ и на домот на култура „Кочо Рацин“ од Скопје, со кои во изминатите години здруженијата на Македонците од Република Хрватска има успешна плодотворна соработка во повеќе проекти. За нас посебна чест претставуваше присуството на нејзината екселенција Нивес Тигањ со нејзините соработници на настапот во Скопје, што беше и нејзина прва посета на еден културен настан по преземањето на новата должност, амбасадор на Република Хрватска во република Македонија – истакна Ангел Митревски претседател на македонското културно здружение „Стоби“ од Сплит.