Професорката Емилија Ристановска работи со училишните бендови во „Никола Карев“

Учениците од „Никола Карев“ во соработка со Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе одржат рок-концерт во рамките на манифестацијата „Бела ноќ“, во просториите на средното училиште, утревечер од 20 часот. Ќе настапат два училишни бенда, а гости на концертот ќе бидат учениците од невладината организација „Рома рок-скул“, кои изведуваат рок-музика со вметнување на ромскиот мелос.  

– До соработката дојде откако ни се јавија од МКЦ за да прашаат дали е можно да се организира концерт, знаејќи дека имаме долгогодишно искуство на училишни бендови. Утревечер ќе настапат два училишни бенда кои ги посетуваат часовите по проектна настава во „Никола Карев“. Гости ни се „Рома рок скул“. Тоа e невладина мултиетничка организација за ученици, воглавно од ромска националност. Тие свират рок-музика со вметнување на ромски мелос. Имаат од 13 до 17 години и навистина се одлични. Соработуваме заедно веќе извесно време, имавме заеднички настап на конференцијата за социјален активизам „Ингејџ“, а допрва не очекува и настап во германската амбасада, по повод денот на обединувањето на Германија, каде што ќе ги изведеме македонската химна, германската химна и одата на радоста – вели Емилија Ристановска, професорка по музичка уметност во „Никола Карев“.

Концертите на учишните бендови претставуваат традиција во „Никола Карев“, каде што децата имаат специјално прилагоден простор за проби, како и за настапи.

– Секоја година имаме барем по еден концерт, под капата на проектната активност „училишни бендови“, која се реализира на тој начин. Ја имаме и манифестацијата „Свирложба“ во која се вклучени сите уметности, а која ја организираат учениците од јазично-уметничко комбинација. Тоа е смер на кој се става акцент на уметностите. Овие настани имаат публика, а најпосетениот, кој беше од хуманитарен карактер, го следеа околу 1.300 луѓе. Последната „Свирложба“ се одржа во амфитеатарот на училиштето на 14 септември – објаснува Ристановска.

Фото: Дарко Андоновски

Според училишната програма, предвидено е пробите да се одржуваат еднаш неделно во траење по 45 минути, но учениците вежбаат секојдневно, по три-четири часа, што ја покажува нивната посветеност на музиката. Децата ја следат светската музичка сцена која им е подостапна. Моментно ја свират музиката на „Мјуз“ од првите три албуми на бендот, кои им се допаднале, а на концертот ќе изведуваат и нумери од „Лед цепелин“.

– Музиката е универзален јазик, границите не постојат во музиката. Каде што не постои уметноста, постојат граници. Тука се разменуваат информации кои ги интересираат децата, а се поврзани со музика. Секогаш има продуктивно тло за соработка. Во трите училишни бендови имаме околу 30 деца. Тоа се ученици од по 16 години, а звучат сериозно. Тие не добиваат оценки, туку имаат пасија кон музиката, сакаат да свират и доаѓаат на проби и за време на викендите – кажа Ристановска, додавајќи дека учениците би настапувале и почесто кога би добиле покана. 

Младите музичари од „Никола Карев“ ги поканија сите заинтересирани љубители на музиката да го слушнат нивниот настап во живо, утревечер во средното училиште. М.Ж.

Училиштето има специјално прилагоден простор за одржување музички проби