Експертите откриле дека изучувањето странски јазик има свои придобивки за здравјето на мозокот. Учењето втор јазик може да биде многу корисно хоби за нашето здравје, бидејќи тоа го поттикнува зголемување на сивата маса. До ова сознание дошле група научници од Универзитетот за медицина во Инсбрук, Австрија, кои се обиделе да откријат каков ефект има учењето странски јазик врз благосостојбата на мозокот, како кај луѓето што страдаат од мултиплекс склероза, така и кај оние што се здрави.

Во експериментот учествувале дваесет и три учесници, кои поминале осумнеделен курс по англиски јазик, на кој присуствувале три часа неделно. При истражувањето се открило дека не постојат никакви разлики помеѓу двете испитувани групи во однос на разбирањето на темата, говорната флуентност и научените зборови.

Секој од учениците, исто така, бил подложен на магнетна резонанца, пред и по курсот. Резултатите покажале дека во случајот на лицата што страдаат од мултиплекс склероза било забележано зголемување на сивата материја во хипокампусот, што влијае на краткорочната меморија, како и на основната ганглија, која влијае на способноста за учење, и на парахипокампусот, што влијае на снаоѓање во просторот.

Кај здравите луѓе, пак, било забележано зголемување на сивата маса во областите задолжени за когнитивна функција, самосвесност, контрола на емоциите и моторната функција.

Мултиплекс склерозата може да се појави помеѓу дваесеттите и педесеттите години од животот. Тоа е автоимуно нарушување што претставува најчеста хронична невролошка болест кај младите луѓе според оваа студија.