„Спејс екс“ на Илон Маск, која неодамна стана првата приватна компанија што испрати астронаути во орбитата на Земјата, може да се пофали дека е една од трите економски „еднорози“, а нејзината проценета вредност изнесува 46 милијарди долари, пренесува Си-ен-ен. 

Постигнатиот финансиски успех ја рангира „Спејс екс“ на третото место на таканаречените „еднорози“, приватни стартап-бизниси чија вредност надминува една милијарда американски долари. Другите два „еднорози“ се кинеските технолошки гиганти – компаниите „Диди Чуксинг“ и „Бајтденс“.

Приватните компании ретко ја споделуваат јавно нивната вредност, а сите бизнис-инвестиции се спроведуваат приватно, зад затворени врати. „Спејс екс“ не ги објавува своите финансиски податоци за јавноста. Волстрит неодамна со скептицизам го насочи вниманието кон „еднорозите“ кои приватно ја „пумпаат“ вредноста, за потоа да бидат наведени на берзата.

Но, и покрај постигнатиот успех, аналитичарите и експертите мислат дека „Спејс екс“ е со мала вредност. Аналитичарите од „Морган Стенли“ во извештај минатиот месец напишаа дека „Спејс екс“ може да достигне вредност од дури 200 милијарди долари доколку нивниот проект за сателитски интернет „Старлинк“ биде успешно лансиран. 

– Проектите на „Спејс екс“, како што се вселенскиот туризам, лансирањето ракети на Марс и на Месечината, како и соработката со НАСА, на инвеститорите им даваат причина да се борат за поседување на дел од акциите на „Спејс екс“ – вели Чед Андерсон, инвеститор и извршен директор на фирмата „Спејс Енџелс“, кој не откри колку инвестирала досега во „Спејс екс“ досега.

Сепак, сѐ уште нема многу можности за заработка на пари од инвестирањето во „Спејс екс“. Маск рече дека не планира наскоро да ја стави фирмата на берзата. Андерсон вели дека „Спејс екс“ сѐ уште не носи профит, најмногу затоа што сѐ уште троши големи суми на пари инвестирајќи во нови гранки на компанијата, а тоа остава простор за дебата кога станува збор за прашањето дали проценката на нејзината вредност е превисока.

„Спејс екс“ има уште многу да докаже. Нејзината интернет-услуга „Старлинк“, која сѐ уште е во фаза на тестирање, ќе треба да се покаже како прифатлива и доволно сигурна за да привлече значителна база на клиенти и инвеститори. Ракетаta „Старшип“, која треба да стигне до Марс, исто така ќе треба да докаже дека може да лансира сателити и, потенцијално, конвои со луѓе по цени што го прават нејзиниот развој вредна инвестиција. 

– Со многубројните успеси, „Спејс екс“ досега честопати докажуваше дека нивните критичари грешат. Затоа, не е паметно да се обложувате против „Спејс екс“ – вели Андерсон.