Ерин Саливен од Лос Анџелес, САД, пронајде необичен начин да ја задоволи својата страст за фотографирање за време на изолацијата поради пандемијата на коронавирусот. Таа ја покажа својата креативност на необичен начин, со серија фотографии што ги наслови „Нашата извонредна внатрешност“, пренесува Си-ен-ен. Имено, Ерин создава фантастични предели со помош на храна и необични предмети од домаќинството, како перници, палачинки, хартија, сол…
Кариерата на патописна фотографка ја однела на некои од најживописните места во светот.

– Се прашував како можам да останам креативна и како можам да останам поврзана со светот и патувањата, нешта што се толку важни за мојот уметнички развој – вели Саливен.
Таа како дете сонувала дека патува. Кога ќе заспиела, замислувала дека нерамнините на нејзината прекривка се планини со скијачи. Токму тоа ја мотивирало да направи слични фотографии во актуелниот миг, докажувајќи дека креативноста може да се развива и со одредени ограничувања.

– Тоа е уметност, процес на експериментирање – вели таа.
Во новата серија фотографии, Ерин манипулира со предмети, при што внимава на светлината, текстурата, сенките и бојата.
– Клучно е да се обрне внимание на деталите и при фотографирање во затворен простор – додава Саливен, која доби многу пофалби за своите интересни дела, кои ги виделе над сто илјади луѓе на социјалните мрежи.