Со топла и идилична фотографска приказна, дизајнерката Ирина Тошева ја претстави новата модна соработка со брендот „Моки“ и со „Ресорт Маврово“. Станува збор за две мини-колекции на облека и додатоци со потписот на Тошева, дополнети со илустрациите и ракописот на Моки, a изработени наменски за посетителите на Маврово.
– Удобноста е од најголема вредност изминатиов период. Првата колекција се состои од два типа пижами, кои освен пријатното чувство од памучниот материјал, како и лежерноста во кројот, изгледаат мошне привлечно и елегантно. Горните парчиња може одлично да се стилизираат и да се носат дури и надвор. Украсени се со везени букви од „Моки“ во кирилска и латинична варијанта – вели Тошева.
Втората мини-колекција, која дизајнерката ја нарекува „Разгледници од Маврово“, се состои од унисекс-блузони и дуксери, со илустрациите на „Моки“, кои се појавуваат и на перниците и торбичките.
– Низ моите илустрации, на едноставен и суптилен начин се обидов да ги прикажам богатствата што ги нуди Маврово. Смирената атмосфера на цртежите одлично се вклопи со креациите на Тошева, создавајќи парчиња што се естетски привлечни, но и имаат посебна вредност, затоа што се сувенир што долго може да се носи на себе – истакнува Моника Стојановска од „Моки“.
Сите производи се одличен сувенир, во лимитирани количества и може да се купат во „Бистра дизајн стор“ во хотелот „Бистра“.