Изложба на графичкиот дизајнер Дарко Аницин

Во домот на културата „Кочо Рацин“ е отворена самостојната изложба на академскиот графичар и графички дизајнер Дарко Аницин. Целта на овој автономен и иновативен проектот, насловен „Предоживувања низ музика“, е преку мобилизирање на граѓаните од различни културни средини да ги поттикне да размислуваат како влијае уметноста на нивната умствена и душевна состојба. Истовремено ги спојува визуелните уметности, поточно ликовната уметност со музичката, создавајќи антистресен механизам за справување со притисоците на секојдневниот живот.

Исто така, изложбата се повикува на Националната стратегија за култура 2018-2020, да се создадат услови за негување на слободата и разноликоста на сите културни идентитети. Проектот се состои од мобилизирање на публиката преку интерактивен конкурс каде што граѓаните преку јавен повик праќаат до авторот свои музички нумери што им помагаат да се ослободат од стресот. Авторот прави избор на музички дела по кои создава акрилни дела, кои ги претставува на интерактивна изложба, каде што може да се слушаат песните избрани од јавниот конкурс и да се гледаат создадените дела.