Во изминатите неколку години Шамсија Хасани се стекна со меѓународна слава и препознатливост како прва авганистанска улична уметница, позната по храбрата промоција на гласот на жените, пренесува „Дојче веле“.

Неделава, откако талибанците ја презедоа власта по освојувањето на Кабул, уметничките дела на Хасани на социјалните мрежи предизвикаа бурни реакции ширум светот. Но, обожавателите стравуваа за безбедноста на Хасани, бидејќи неколку дена немаше објави на нејзините профили на социјалните мрежи.

Новата слика објавена доцна во вторникот, насловена како „Смрт за темнината“, претставуваше потврда дека таа продолжува да создава и да им дава глас на замолчените Авганистанки, а нејзиниот менаџер за „Дојче веле“ потврди дека таа е на безбедна локација.

Смрт за темнината

– Некои луѓе мислат дека уметноста не е дозволена во исламот и сметаат дека треба да ме спречат. Ако многу затворени умови се соберат на едно место, тие ќе бидат многу моќни и ќе можат да направат што и да посакаат – изјави Хасани во видеоинтервју во 2016 година.

Уметниците во Авганистан се соочуваат со двојна опасност, како жени и како креативци кои создаваат. Талибанците сметаат дека создавањето уметност е недозволиво според исламскиот закон. Но, Хасани исто така ја искористи својата уметност за дирекно да одговори на нападите од страна на екстремистичките групи, притоа создавајќи страшни слики полни со болка и загуба. Лицата во уметничките дела на Хасани вообичаено немаат уста, но честопати имаат елементи од природата или инструменти вградени во нивните ликови.

– Користам музички инструменти како симбол преку кој жените го искажуваат нивниот глас, односно преку музиката тие разговараат со луѓето. Очите им се затворени, бидејќи обично тие немаат ништо добро околу себе, а понекогаш и не можат да ја видат својата иднина. Затоа нивните очи се затворени, но тоа не значи дека не можат да гледаат – додава Хасани.

Таа смета дека графитите се добар начин да се доведе уметноста до луѓе кои немаат можност да посетат галерија или музеј. Сепак, изработувањето графити во Кабул, дури и кога градот беше под контрола на авганистанската влада, носи свои ризици.

– Се плашам од јавните простори. Се плашам од експлозиите што се случуваат постојано. Бидејќи луѓето во Авганистан обично не се задоволни со женските активности, особено на јавни места, морам постојано да бидам внимателна – објаснува Хасани во интервјуто.

И покрај нејзиниот успех во уметничкиот свет, таа во 2018 година призна дека понекогаш се чувствува безнадежно и дека не може да направи разлика.

– Како и да е, мислам дека ги менувам мислењата на луѓето со моите уметнички дела и со споделување на моите идеи со нив – вели Хасани.