Она што сигурно го знаеме е дека прекумерното консумирање алкохол дефинитивно му штети на мозокот. Она што е помалку јасно е дали мало или умерено внесување алкохол кај некои луѓе е одредена заштита, вели неврологот д-р Ричард Исаксон, основач на Клиниката за превенција од Алцхајмерова болест во Њујорк

Ако за време на вечерата уживате во чаша вино или пиво, или во некој лесен коктел, сигурно ќе сакате да наздравите за текстот што следува. Имено, резултатите од новата американска студија, во која учествувале приближно 20.000 испитаници, на возраст од 62 години, кои биле тестирани секоја втора година за здравствената состојба, и тоа од 1996 до 2008 година, покажале дека, со умерено пиење алкохол, може да се подобрат когнитивните функции кај средовечните и постарите лица. Интересно е што резултатите од Афроамериканците не биле исти како за белците, на кои се повикуваат овие податоци, пренесува Си-ен-ен.
Слабо до умерено консумирање алкохол, според стандардите на американските лекари, се смета помалку од осум пијалаци неделно за жени, а помалку од 15 за мажи, при што пијалакот може да биде лименка пиво, мала чаша вино или чашка жесток пијалак.

Неодамнешните откритија ги поддржуваат наодите од претходните истражувања, кои покажале дека еден пијалак на ден за жени и два на ден на мажи носат одредени когнитивни придобивки.
– Сега има многу докази што покажуваат дека умереното консумирање алкохол е поврзан со подобра когнитивна функција и помал ризик од деменција, во споредба со апстиненцијата од алкохол – вели Карин Анстеј, главна истражувачка и директорка на Центарот за деменција на НХМРЦ, која не била вклучена во студијата.
Сепак, минатата година беше објавена голема светска студија, која откри дека никакво количество на алкохолни пијалоци, вино или пиво, не гарантира безбедност за целокупното здравје. Имено, студијата покажала дека алкохолот бил водечки фактор од ризикот за развој на болести и предвремена смрт кај мажите и жените на возраст од 15 до 49 години низ светот во 2016 година и дека предизвикува речиси еден од 10 смртни случаи.

– Она што сигурно го знаеме е дека прекумерното консумирање алкохол дефинитивно му штети на мозокот. Она што е помалку јасно е дали мало или умерено внесување алкохол кај одредени луѓе е одредена заштита – рече неврологот д-р Ричард Исаксон, основач на Клиниката за превенција од Алцхајмерова болест во Њујорк.
Според него, врз основа на спротивставени резултати, не може да се знае со сигурност во овој момент дали ниската умерена потрошувачка е најдобра за речиси секоја личност.
При испитувањето на репрезентативен примерок на Американците во последната студија, во споредба со оние што никогаш не пиеле алкохол, оние пак што одговориле дека слабо или умерено консумираат алкохол покажале значително повисоки резултати на когнитивните функции, биле поуспешни во сеќавањето на зборовите и вокабуларот, а бидејќи се испитувала широката здравствената слика, се покажало дека имаат помалку падови и повреди.

– Во мојата лекарска практика и во ваквите препораки, пристапувам индивидуално за секоја личност за која се грижам – објасни американскиот невролог.
Според општите стандарди во неговата клиника, оптималното количество алкохолни пијалоци за жените е од четири до шест пијалаци неделно (каде што претходно го споменавме американскиот критериум), додека за мажите е 10.
– Но тоа не е количеството што им одговара на сите. Тежината исто така игра улога, како и факторите како што е личната историја на злоупотреба на алкохолот и други опојни состојки. Исто така е важно да се земе предвид кога и како се консумира алкохолот. На пример, да испиете чаша вино во раните вечерни часови е поразумно отколку да испиете две чаши во доцните ноќни часови на празен стомак, пред спиење – истакна д-р Ричард Исаксон, основач на Клиниката за превенција од Алцхајмерова болест.

Според него, ако се земе алкохолот пред спиење има тенденција да доведе до целосен послаб квалитетен сон, што влијае врз ризикот од деменција.
– Потрошувачката на алкохол го зголемува и ризикот од заболување од рак. Ако некој не пие, тогаш не би препорачале консумирање алкохол – рече на оваа тема Карин Анстеј, директорка на Центарот за деменција НХМРЦ во Австралија.