Белите куќи на некои им изгледаат „здодевно“, но тие би можеле „да ја спасат планетата“. Научниците од универзитетот „Пердју“ во Индијана, САД, развиле ултрабела боја што рефлектира 98,1 проценти од сончевите зраци додека емитува инфрацрвено зрачење. Како резултат на тоа, површината останува поладна во однос на околината и новата ултрабела боја би можела ефикасно да ги замени климатизерите во некои случаи.
Оваа бела боја го доби Гинисовиот сертификат за својата „рекордна белина“ и е многу поефикасна од обичната боја, која, всушност, ги загрева површините. Покрив од 93 квадратни метри обоен со новата бела боја би дал 10 киловати моќност за ладење, што е повеќе во споредба со климатизерите што се користат за повеќето куќи, пишува „УСА тудеј“.
Денес веќе постојат бои што ја рефлектираат топлината, но одразот на сончевите зраци не надминува 90 проценти и овие бои не ги ладат површините. Трикот е во користењето висок сооднос на бариум сулфат, соединение што често се користи за козметика и фотохартија, и тоа во честички со различна големина.
Сѐ уште не е познато кога новата бела боја ќе излезе во продажба, но таа намера постои. Патентите се веќе регистрирани, а белата боја треба да стане ново „оружје“ во борбата против климатските промени. Може да ја елиминира потребата за климатизери во некои домови, особено во топли региони со многу сончева светлина. Исто така, може да помогне да се намалат емисиите на гас и потрошувачката на енергија и да се заштедат пари за време на жешките летни денови.