Уметноста отсекогаш била посебна форма на комуникација помеѓу индивидуата и околината, а на неа се потпира и Американецот Том Боб, кој се одлучил за непривлечните места и улици на многу градови низ светот.
За Том Боб не може да се каже дека црта само графити затоа што неговите цртежи раскажуваат посебни приказни и предизвикуваат различни емоции кај секој минувач.
Ова значи дека тој не ги остава своите натписи на градските фасади како повеќето негови колеги, туку креативно слика шахти, цевки, бандери, канти за отпадоци, надземни хидранти и сè што ќе се сретне на улиците или на повеќе скриени места во многу градови низ светот.
Том Боб започнал со ваквиот вид уметнички израз во Њујорк, но решил да ја разубави околината на овој начин и во другите градови што ги посетувал, пишува порталот „Борд панда“.
Делата на овој мајстор за улична уметност се претежно хумористични по природа, што е една од причините зошто тој има дури 260.000 следбеници на Инстаграм. Тој ги слика своите забавни херои на различни површини, а во неговите дела често може да се видат животни.