Ексклузивно за „Нова Македонија“ – интервју со Софи Тарнер од „Мрачниот феникс“

Софи Тарнер е најпозната по улогата на Санса Старк во телевизиската сензација „Игра на тронови“. Првпат ѝ се приклучи на екипата од „Екс-мен“ во филмот „Апокалипса“ од 2016 година, но во „Мрачниот феникс“ игра главна улога во ликот на Џин Греј чии моќи ќе станат многу опасни. Тарнер зборува за психолошката страна на ликот, работата со Џесика Честејн, но и за тоа дека мрази што не смее да открива детали околу нејзините ангажмани.

Дали претпоставувавте дека вашиот лик ќе претрпи ваква промена и развој? Дали Сајмон Кинберг ви спомена дека во иднина ќе се појавите и во „Мрачниот феникс“?
– Не очекував. Кога го снимав „Апокалипса“ мислев дека филмот ќе биде само една целина. Кога привршувавме со снимањето слушнав како се шушка меѓу шминкерите дека следниот филм ќе биде за Џин. Но официјално дознав шест месеци пред почетокот на снимањето, кога Сајмон разговараше со мене за приказната во филмот. Од тој состанок и до почетокот на снимањето ние постојано напорно работевме и беше многу интересно.

Играте многу голема и драматична улога. Дали бевте загрижена како ќе ја претставите Џин по вторпат?
– Да, бев загрижена. Во „Апокалипса“ всушност и немав многу работа, само малку го претставив ликот, така што не бев воопшто подготвена кога Сајмон ми соопшти дека ќе го снима филмот. Го прочитав сценариото и од актерска гледна точка беше храна за душа. Иако имаше многу подготовки и напорна работа, соработката со Сајмон беше совршена, дури и мислам дека е најдобриот режисер со кој досега сум работела. Ова му беше прво режисерско дело, така што двајцата си дававме поддршка.

Избра голем филм да биде негово првенче…
– Многу му дојде природно, затоа што целосно се вклопува во режисерската работа. Јасно е дека сценариското и продукциското искуство многу му помогнаа во работата со актерите и организацијата на екипата. Навистина тој е еден режисер што е посветен, внимателен, страстен и паметен. Често сме разговарале на оваа тема, а јас му реков дека мора да се занимава со режија до крајот на животот затоа што е одличен.

Ова можеби е првиот суперхеројски филм, а можеби и воопшто првиот филм во кој главниот лик и негативецот се женски ликови. Дали се согласувате со ова?
– Да, апсолутно. Сите женски ликови во овој филм имаат силен карактер. Главниот лик и негативецот се жени, а дури и хероината е негативец на некој начин. Станува збор за нејзините врски, врските на Џин со женските ликови во филмот што е навистина многу интересно. Ниеден од нив во филмот не им е потчинет на мажите. Дури и слободно може да се каже дека ова е првиот филм на „Екс-мен“ во кој главните ликови се жени. Ова навистина ми беше предизвик, како и на Џесика. Филмот се сними во вистинското време.

Какво беше чувството повторно да сте заедно со актерската екипа? Изгледа дека одлично се забавувате кога сте заедно.
– Кога Алекс (Шип), Тај (Шеридан), Коди (Смит Мекфи) и јас бевме дел од актерската екипа во „Апокалипса“, сите изгледаа некако исцрпено. Потоа сите за овој филм се вративме многу загреани. Целата актерска екипа е многу забавна, а наедно сите сме многу добри пријатели и секоја вечер се дружиме. Сите функционираме како едно семејство, од продуцентите, до режисерот. Има многу љубов меѓу нас.

Како ви се допаднаа костимите овој пат? Ги носите жолтите костими од 1990-тите години, дали ви беше смешно?
– Па, малку. Но истото така беше и супер, затоа што тоа се оригиналните костими од стрипот и исто така беше интересно што сите ние бевме облечени во нив. Обично костимите на суперхероите се различни во стриповите и во филмовите.

Дали е забавно да се работи со специјални ефекти, кои заземаат голем дел од филмот?
– Да, иако е малку незгодно. Има моменти кога се чувствувате како идиот. Во повеќето од сцените држам тениско топче и тоа по неколку минути. Истовремено е тешко и забавно, затоа што мора многу да ја користите фантазијата. Во една секвенца од најавата за филмот ќе забележите хеликоптер и како јас го вртам. Тоа не беше снимено на зелено платно. Морав сама да го направам тоа, а хеликоптерот навистина се урна. Тоа ми беше врв. Тогаш навистина се почувствував како вистински суперхерој, но во другиот дел од времето како идиот (се смее).

Дали сте задоволна од соработката со Џесика?
– Џесика ми е како менторка. Пред да се запознаеме, бев нејзина голема обожавателка, така што имав трема кога се запознавме. Сакав да го избегнам тој момент, но Сајмон беше тој што нѐ запозна. Таа имаше огромно влијание врз мене. Сè уште не можам да поверувам дека снимав сцени со Џесика Честејн, огромен предизвик е да соработува со актерка од нејзин калибар. Станува збор за женска моќ. Одлично се согласувавме на снимањето, па дури и се шегувавме со другите актери. Џесика е многу забавна.

Дали уживавте во портретирањето на мрачната страна на Џин или физички и емотивно ве исцрпе играњето на нејзиниот лик?
– На почетокот беше особено исцрпувачко, но кога поинаку му пријдов на ликот, сфатив дека мрачната страна на Џин значи слобода за неа. Таа често е сама со своите мисли. Но тоа ми го промени гледиштето, кога мрачната страна всушност беше најсмирениот дел затоа што морав да го извадам тоа од Џин. Најтешкиот дел ми беше да ја играм неа, а не Феникс.

Многу е интересно што моравте да направите опасна верзија на вашиот лик, дури и по цена да ги уништи сите.
– Беше забавно, морам да признаам. Но изгледа дека сум приврзана до опасни женски ликови. Убаво е кога играте моќен женски лик. Токму такви сценарија ме интересираат каде што има ликови на силни, моќни жени. Но мислам дека сега сите актерки бараат такви ликови.

Како влијае преобразбата на Џин на другиот дел од тимот?
– Како семејството да се распаѓа. Како ликот на Џин да се справува со некаква психичка болест или зависност, а нејзиното семејство мора да мине низ тоа. Врската на Џин и на Скот мора да помине низ тоа.

Дали Сајмон побара од вас да истражувате повеќе за ликот на Мрачниот феникс за овој филм? Дали ви даде задача да ги читате стриповите?
– Не истражував за ликот, туку за психологијата на Џин. Нејзините емоции најмногу ги базиравме на психичка болест и на зависност, особено на шизофренија и дисоцијативно растројство на идентитетот, така што направивме поголемо истражување во тој поглед. Сајмон шест месеци ми праќаше материјали и разни документарни филмови, така што силно се заинтересирав за човековата психа. Суштината на овој филм е што е фокусиран на ликовите, на нивните емоции и не е типична научна фантастика како другите.

Главно сте преокупирана со снимањето на серијата „Игра на тронови“ и многу години моравте да одолевате на предизвикот да не откривате никакви детали за неа. Со филмот „Мрачниот феникс“ повторно не смеевте да откривате детали. Дали едвај чекате да имате можност кога снимате филм да споделите детали за него?
– Едвај чекам, затоа што искрено ми се чини како цел век да ми поминал во чување тајни, а тоа не ми е силна страна.

Подготвила: Билјана Здравковска