Првата дама на САД, Меланија Трамп, доби дрвена статуа во близината на градот од кој потекнува, Севница, Словенија. Статуата, висока 2,7 метри, е направена со помош на моторна пила, а нејзиното откривање предизвика поделени мислења меѓу мештаните, пренесува магазинот „Пипл“.

Рачно направената дрвена статуа, која беше откриена во петокот е бојадисана со тонови на сината боја со цел да асоцира на синиот костум креиран од „Ралф Лорен Колекшн“, костумот што таа го носеше на денот на инаугурацијата на нејзиниот сопруг Доналд Трамп во 2017 година. 

„Дрвената Меланија“ беше осмислена од американскиот уметник кој твори во Берлин, Бред Дауни, а беше „издлабена“ од Алеш Зупевц, словенечки уметник кој со помош на моторна пила ја издлаби статуата на првата дама на САД. Но, откако статуата беше откриена пред јавноста, реакциите варираа од восхит до презир. Дел од мештаните ја нарекоа статуата „штрумфета“, а други ја споредија со плашило за птици.

Но, некои од реакциите се позитивни, споредувајќи ја висината на дрвената статуа  како метафора за успехот кој го постигна Меланија, која од обична девојка од Словенија се издигна до врвот на САД.

Разбирливо е нивното разочарување, бидејќи статуата одвај наликува на Меланија. Онаму каде што треба да се распознаваат фините црти на лицето, моторната пила направила „масакр“.

А тоа не е случајна грешка од страна на уметникот. Дауни е познат по неговите провоцирачки шеги и уметнички дела. Многумина ја споредија „Дрвената Меланија“ со  сребрената статуа на фудбалерот Дејвид Бекам, статуа што носи тесен долен веш, како и со ужасниот кип на фудбалерот Кристијано Роналдо.

И покрај бурните негативни реакции, многумина на социјалните мрежи напишаа дека статуата совршено го претставува „дрвениот“ израз што првата дама на САД секогаш го има кога се појавува во јавноста.