Фото: Горан Анастасовски за „Борд Панда“

Впечатливата приказна на новинарката Цеце Николова која реши да ја прикаже нејзината природна убавина, храбро прифаќајќи ја алопецијата со која живее, беше пренесена од порталот „Борд панда“ преку фотографиите на нашиот колега Горан Анастасовски.

– Иако се сметам себеси за фотограф кој слика животни и природа, откако слушнав за приказната за новинарката Цеце Николова, не можев да не ја фотографирам, со цел целиот свет да ја види нејзината убавина и храброст. Побарав од Цеце да ми ја раскаже нејзината приказна – вели Анастасовски.

Николова посочи дека решила токму годинава да се фотографира без периката што ја носи, притоа објаснувајќи како изгледа животот со алопеција (автоимуна болест која може да доведе до опаѓање на косата – н.з.).

– Ова сум јас. Откако знам за себеси, јас живеам со алопеција. Пред три-четири години, на некој начин одлучив дека во 2021 година ќе ја симнам периката и ќе се фотографирам без неа. Ми здодеаја периките и се што тие носат, многу внимание и непотребен стрес. Среќна сум што имам алопеција, бидејќи не е нешто од што се умира. Исто така, не постои ништо поубаво отколку да се прифатите такви какви што сте – истакна Николова.