Игор Јовановски, планински тркач

Самата помисла да се сврти целиот масив на Мон Блан на нога во едно одење е нешто што ми изгледа возбудливо, а не пак кога веќе ќе се најдеш во „змијата“ од челни ламби преку многуте планински превои, вели Јовановски

Игор Јовановски беше дел од петчлениот тим на „Трекс“/ПСД „Макпетрол“ (Жикица Ивановски, Александар Симјаноски, Игор Пирковски и Никола Цицоски), кој учествуваше на „Ултра треил ду Мон Блан“ (УТМБ). Трка во должина од 171 километар, која се смета за една од најпрестижните трки во планинско и ултрамаратонско трчање на светско ниво. На оваа трка секоја година учествуваат 2.500 учесници, кои имаат 46 часа за да го направат овој подвиг.
– На УТМБ (како целонеделен настан) постојат повеќе трки и патеки на кои се трча. Ние бевме пријавени на истоимената трка „Ултра треил ду Мон Блан“, која е долга 170 километри и има искачување и спуштање од 10.000 висински метри. Патеката е еден маестрално замислен и споен круг од планинарски патеки, кои минуваат низ некои од најживописните делови на регионот Високи Савои, Курмајер, долината Вал Ферет, Шампе Лак и секако долината на Шамони. Оваа патека наедно е и една од најпознатите трансверзали за планинарење во регионот. Се почнува во Шамони, трчате до Сен Жерве и долината Мон Жоли откаде што се упатувате кон високите превои Кол ду Боном и Кол де ла Сењ. Оттаму веќе сте во Италија и одите до гратчето Курмајер, повторно се качувате високо и преоѓате во Швајцарија. Одите до магичното место Шампе Лак и на крајот има три искачувања и спуштања, кои ве делат од Шамони за финиш. Вака изгледа едноставно, но во просек од 2.400 натпреварувачи на стартот околу 800 се откажуваат, а најголем број завршуваат од 35 до 45 часа, додека најбрзите за 20 часа. Последниот лимит за финиширање е 46,5 часа – нѐ информира Јовановски.

Какво е чувството да се учествува на една од најпрестижните трки во планинско и ултрамаратонско трчање на светско нив?
Настанот уште одамна го носи епитетот на неформално светско првенство во планинско трчање, каде што настапуваат голем број од најелитните ултрамаратонци. Но она што мене повеќе ме фасцинира, е фактот што овие 100-200 елитни тркачи се дополнети со уште 2.000 други аматери од целиот свет, кои се впуштаат во една авантура од невидени размери. Самата помисла да се сврти целиот масив на нога во едно одење е нешто што ми изгледа возбудливо, а не пак кога веќе ќе се најдеш во „змијата“ од челни ламби преку многуте планински превои…

Со какви импресии се вративте од „Ултра треил ду Мон Блан“?
Дефинитивно најголем впечаток ми остави атмосферата во Шамони, местото каде што се почнува и финишира трката, но и сите оние попатни станици каде што имаше безброј навивачи. Едноставно УТМБ претставува еден спортски настан што е феноменално прифатен од целото локално население, кое буквално како да живее за трката. Многу од луѓето волонтираат и тоа го прават со голема љубов и посветеност, а наедно учествуваат во градење на еден препознатлив квалитет каков што има настанот. Публиката, пак, е посебна приказна, едноставно не можете да почувствувате таква атмосфера на друго место.

Над 170 километри движење горе-долу е сериозен потег… Што е неопходно за да се истрае докрај?
Трката е мошне сериозна и бара доста посветеност и трпение. Факт е дека ниеден тренинг не може да те подготви за толку долга трка, но ако работиш редовно, паметно и упорно, тогаш сѐ е можно. Јас почнав со планинско трчање во 2014 година, а низ годините тоа стана дел од мојот живот. Во тој период учествував на повеќе ултрамаратонски трки со должини од над 60, над 80 и над 100 километри. Со таа основа, многу полесно беше да се подготвам за нешто што досега не сум го направил (во смисла на дистанца). Подготовките конкретно за УТМБ беа некаде околу 4-5 месеци.

Што ви беше најважно, кон што целевте?
На толку тешка и напорна трка каде што едноставно невозможно е да ги предвидиш работите, главната цел беше да се финишира. Во текот на трката јас, Игор Пирковски и Жикица Ивановски се групиравме и одевме заедно со стабилно и константно темпо. Александар Симјаноски и Никола Цицоски имаа некои проблеми, па затоа не успеаја да финишираат. Потсвесно, ние тројца знаевме дека најдобро ќе биде да се држиме и помагаме заедно, а на крајот испадна и да влеземе во заеднички финиш со македонското знаме што беше фантастично чувство.

Дали некој момент ве изненади или сѐ течеше според очекувањата?
Мене лично ми се случи една голема криза на 100-от километар кога морав значително да заостанам зад моите пријатели. Правев пауза од околу 1 час во Ла Фули каде што бев на раб на откажување. Ги сталожив мислите, одморив добро и решив да продолжам. Во последниот дел доживеав неверојатно враќање на повеќе полиња – енергетски, психолошки и мотивациски. Успеав да поминам стотици луѓе и скоро на крајот да ги стигнам и пријателите со кои финиширав. Убавината во ултрамаратоните е себенадминувањето, а повеќето од сите наши животни препреки лежат во умот.

Поминавте 35 часа и 38 минути на нозе… Која мантра ве движеше?
Сметам дека човекот е создаден да се движи и потребно е што почесто да биде активен на кој било начин. Има една поговорка што неодамна ја слушнав, а вели „мачи си ја мршата, за да ти биде чиста душата“. Не дека ова е мојата мантра, но навистина се чувствувам убаво, исполнето и душевно чисто откако ќе направам некој ваков ултрамаратонски подвиг.