Во минатото, подземните пештери и тунели служеле како безбедно засолниште, а денес повеќето претставуваат уникатни туристички локации каде што можете да се одморите со пијалак и храна. Од ресторан во пештера, преку напуштен тунел на метрото во Њујорк, сѐ до ноќен клуб каде што се роди културно востание против Советскиот Сојуз – овие подземни простории се полни со приказни.
Лоциран десет метри под земја, ресторанот „Али Барбур“ на посетителите во Кенија им нуди посебно искуство. Имено, тие можат да уживаат во ладовината на пештерата и во исто време да ги набљудуваат ѕвездите низ пукнатината на површината. Отворен е во 1980-тите години, а сопствениците оттогаш не го смениле оригиналниот изглед на пештерата.
Во „Ле Будоар“, во Њујорк, можете да вечерате и да уживате во коктели. Напуштеното метро е претворено во уникатен бар што е дел од „Чез Мои“, ресторанот над него – на приземјето. До подземниот бар може да се стигне со поместување на ѕидот со полици за книги.
Ако одлучите да се прошетате низ центарот на Стокхолм, најверојатно ќе наидете на знак што покажува кон скали, кои потоа ќе ве одведат до темен подрум. Ако продолжите понатаму – ќе дојдете до ѕидови каде што се закачени оружје, штитови и разни видови викиншка облека. Добредојдовте во „Аифур“! Отворен е во 2011 година и оттогаш е домаќин на туристи од целиот свет.
Конечно, ако некогаш ја посетите Естонија – не заборавајте да застанете покрај клубот „Куку“. Овде се собираат уметници, активисти и музичари. Исто така, интересно е што овде ќе слушнете многу интересни приказни, бидејќи персоналот на овој угостителски објект одигра голема улога во културниот подем што доведе до независност од Советскиот Сојуз, пишува „Атлас обскура“.