Илон Маск, извршниот директор основач на компанијата „Спејс екс“, познат по своите амбициозни проекти, наводно, сменил седум членови на менаџерскиот тим од огранокот во Редмонд, незадоволен од темпото со кое тимот ги врши тестирањата и развојот на сателитите на програмата „Старлинк“, пренесува „Ројтерс“, повикувајќи се на извори блиски до компанијата.

Маск на нивните места донел нови менаџери од седиштето на „Спејс екс“ во Калифорнија, со цел да се запази рокот за лансирање на првата серија сателити на „Спејс екс“ произведени во САД, до средина на идната година.

Менаџерската реорганизација укажува дека Маск е сериозен во својата намера програмата „Старлинк“ да биде прва на пазарот за лансирање на сателитски интернет-услуги, во конкурентската трка со канадскиот „Телесат“ и со „Уанвеб“.

Планирано е сателитите да придонесат за воведување на Интернет со голема брзина во руралните и приградските населби во светот, што е клучно за зголемување на буџетот на „Спејс екс“. На тој начин треба да се помогне финансирањето на неговата амбиција за конструирање нова ракета, креирана за лет до месечината и за евентуално колонизирање на Марс.