Ружица Јосифовска

Мирјана Мукаетова
Зоран Антовски

Овие три неуморни и талентирани жени ги спојува тоа што своето знаење им го пренесуваат на помладите, а паралелно со тоа својата дарба ја преточуваат во уметност – слики и музика.

Ружица Јосифовска во 80-та година активно слика

Ружица Јосифовска доаѓа во Скопје од Чачак, на 14 години, да учи во Средното уметничко училиште во класата на професор Љубомир Белогаски. Таму ја среќава љубовта на својот живот, сопругот Јово и останува во Македонија, поточно во Кавадарци. Уметноста и сликањето се неразделив дел од нејзиното секојдневие. Таа била омилена наставничка по ликовно воспитување, своите ученици ги учела за основните ликовни елементи и им ја всадувала љубовта кон македонскиот фолклор, култура и архитектура. Цртежите на нејзините ученици секогаш добивале награди на меѓународни конкурси, а некои од нив се определиле за уметноста како професија.

– Работата со децата отсекогаш беше моја определба и големо задоволство. Се сеќавам дека кога дојдов во Кавадарци, Симон Шемов и Глигор Чемерски, кои подоцна станаа еминентни македонски ликовни уметници, ги подготвував за примениот испит во Средното уметничко училиште. Интересно е дека од една генерација дури седум мои ученици станаа ликовни уметници. И денес, иако имам полни 80 години, не престанувам да работам со децата и во моментот имам тројца ученици – вели Јосифовска.

На нејзините слики чест мотив се старата македонска архитектура и фолклорот. Слика и цвеќе, мртва природа, икони, манастири. Особено се издвојува сликата „Свадба во Кавадарци“ во која можат да се препознаат ликовите од нејзиното семејство.

– Оваа слика е нешто најавтентично за Кавадарци. Чардакот е од нашата стара куќа, каде што ги сместив постарите гости, додека во дворот се случува свадбената веселба со музичари на традиционални инструменти, зурла, гајда и тапан. Ликовите се облечени во народна носија, а невестата е облечена во галичка невестинска носија. Сликата за мене има особено значење затоа што се обидов ликовите на моите најблиски од семејството да ги вметнам меѓу веселите свадбари – објаснува Ружица.

Активна е во Здружението на пензионерите на Кавадарци, редовно држи бесплатни часови со талентирани деца и секогаш е тука кога им е потребна на своите внуци, кои за своја професија ја одбраа уметноста. Еден од нив е и светски познатиот Игор Јосифов, со кој особено се гордее.

За Роска Трајкова сликарството е повеќе од хоби

За внатрешниот свет на Роска Трајкова најдобро зборуваат нејзините слики. Таа е исклучително талентирана, едноставна, скромна, темелна и студиозна во работата. Жената има значајно место во нејзините слики, пред сѐ нејзината убавина, истовремено едноставна и возвишена, со ненаметливо навестување на суптилна нежност и женственост.

Првиот знак за нејзиниот талент го почувствувала уште во основното училиште. Подоцна се вљубува во пејзажите, а во средното училиште професорот Петар Наневски го открива нејзиниот талент и ја поттикнува да црта арабески. По матурата, сепак, Роска избира да студира англиски јазик, иако желбата ликовно да се изразува тлее во неа до денес.

Роска Трајкова

Роска Трајкова пред јавноста ги изложи своите дела во 2015 година во Домот на културата во Кавадарци.

– Покрај женската убавина, пејзажите и цвеќињата се моја трајна инспирација. Досега имам насликано и многу икони со ликот на Богородица и со повеќе светци за кои имав порачки, ја овековечив и Тајната вечера на слика на која работев цели две години. Моја последна преокупација се акварелот и цветните мотиви. Набавив квалитетна хартија и бои од странство, долго време експериментирав и истражував и сега мислам дека сум на вистинскиот пат. Музиката ми е постојан придружник додека создавам, а особено ме инспирира Леонард Коен – раскажува Роска Трајкова.

Таа во моментот работи како професорка по англиски јазик во гимназијата „Добри Даскалов“ во Кавадарци. До пензионирањето ѝ остануваат уште две години, но за сликање Роска има уште многу време пред себе и многу идеи што треба да бидат реализирани.

Виолинистката Наташа Диденко им се радува на успесите на учениците

Од раното детство, поточно од тригодишна возраст, Наташа Диденко започнала да се дружи со виолината, а таа дружба трае и денес. Во изминатиот период
Диденко дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, одржала голем број концерти во земјава и на престижни сцени во странство, а денес работи како професорка во средното музичко училиште „Илија Николоски-Луј“.

– На три години го имав првиот контакт со виолината. Чувството кога мојот професор ми ја намести виолината на левото рамо сѐ уште тлее во мене и од самиот почеток знаев дека целиот мој живот ќе биде исполнет со музика – вели Диденко за своите почетоци.

Наташа Диденко

Вели дека музичкиот ген го наследила од својот дедо, татко на нејзината мајка, Германец по потекло, познат пијанист што свирел класична музика.

Големи заслуги за нејзиниот музички развој имаат и нејзините професори.

Таа, како инструменталист, се претставила на сцените на повеќе европски градови, била учесничка на повеќе меѓународни семинари, на кои добила нови сознанија од областа на музиката, добитничка е на повеќе награди и признанија во земјава и во странство: во Белград, Хамбург, Хановер…

Сепак, Диденко истакнува дека во земјава има многу таленти што ја чекаат својата шанса, но малкумина ја добиваат. Својата иднина ја гледа како професорка на универзитет, каде што ќе создава и ќе подучува помлади генерации што ќе го збогатуваат музичкото наследство во земјава.

– Иако сум добитничка на голем број награди и признанија, повеќе ме радуваат признанијата на моите ученици, отколку сопствените. Во иднина сакам да се занимавам со научноистражувачка работа, да објавувам книги и статии и да пишувам книги за развојот на музиката во Македонија – вели Диденко.

Нејзиниот последен настап во странство беше во македонскиот културен центар во Софија, каде што одржа концерт на сонати за виолина без клавирска придружба, за кој доби многу пофалби од бугарската музичка критика.