На првото регионално доделување на музичките признанија, кое ќе се одржи на 29 јануари во „Штарк арената“ во Белград, во организација на „Скај мјузик“, ќе бидат доделени повеќе од 25 музички признанија. Специјално осмислени настапи ќе имаат: „Бајага и инструктори“, Жељко Јоксимовиќ, Тони Цетински, Масимо Савиќ, Јелена Розга, „Плави оркестар“, Стјепан Хаусер („2 челос“), Сергеј Ќетковиќ, Емина Јаховиќ, Марија Шерифовиќ, Наташа Беквалац, нашата Каролина Гочева и многу други ѕвезди од регионот.

Ваков регионален музички спектакл бара обемни и темелни подготовки, па „Скајмјузик“ уште пред една недела влезе во „Штарк арената“ и ги почна подготовките за церемонијата. Според организаторите, на сцената на MAC ќе биде можно сè, па поради тоа подготовките ќе траат речиси двојно повеќе отколку за стандардните концерти и манифестации што се случуваат во оваа сала. Најавени се 1.000 квадратни метри ЛЕД-екрани и над 1.000 светлосни тела, а сето ќе биде закачено на 400 моторни дигалки…

– Ретко, па дури и на турнеите на најголемите светски ѕвезди се постигнува толку високо ниво на продукција, а и самиот „Евросонг“ е доста конзервативен во однос на ова што ние ќе ѝ го прикажеме на публиката. Ќе ги изнесеме сите наши „играчки“, односно продукциска опрема, а нешто донесовме и од странство, пред сѐ видео и светлосни технологии. Практично овој пат лимит ни беше носивоста на покривната конструкција на „Штарк арената“. За квалитетот на звукот гаранција ќе биде системот „анија“, веќе проверен за време на фестивалот „Егзит“ – вели Миленко Шкариќ, сопственик на „Скајмјузик“.

MAC ќе биде настан за публиката во арената, но и телевизиски спектакл, кој во живо ќе го пренесуваат телевизиите со национална фреквенција од регионот. Тоа се практично два настана во еден, или дури и три, ако ја сметаме и церемонијата „Ред карпет“.

Влезниците за MAC можат да се набават на: www.tickets.rs.