Три силни експлозии одекнаа деновиве за време на снимањето на новиот филм за тајниот агент Џејмс Бонд, при што беа повредени неколку члена на екипата и беше оштетен инвентарот. Снимањето, по експлозиите, во целост е прекинато. Несреќата се случила во познатото студио „Пинивуд“ во англискиот Бакингем Шир.
Експлозијата, наводно, уништила дел од покривот и барем пет проекциски платна во комплексот вреден над милион фунти, а едно лице добило посериозни повреди. Инцидентот се случил кога се тестирал дел од реквизитите за сцената на експлозијата во тамошната лабораторија.

– Огнената топка требаше да помине низ просторот во кој се снимаше и тогаш нешто тргна наопаку – изјави за таблоидот „Сан“ еден од очевидците.
Во почетокот на мај, снимањето на 25-от филм за Џејмс Бонд исто така беше прекинато, бидејќи главниот глумец Даниел Креиг ја повреди ногата. Наводно, до повредата дошло во текот на снимањето на Јамајка, а потоа актерот беше подложен на операција.

Филмот од самиот почеток го следат малери и неизвесност. Долго се поставуваше прашањето дали 51-годишниот Даниел воопшто ќе го игра повторно Џејмс Бонд, бидејќи тој во една пригода изјави дека тоа не доаѓа предвид. Сепак, се премисли и потпиша договор за уште еден филм за тајниот агент 007.