Годинашното издание на „Фешн енд лајфстајл експо“ се одржува на пет сцени, а галеријата на МОБ ќе биде исполнета со 7 паралелни изложби

На 20, 21, 22 март на четвртото издание на „Фешн енд лајфстајл експо“, фоајето на Македонската опера и балет уште еднаш ќе биде исполнето со голем број презентации и настапи чии приказни се вртат околу едно главно тежиште, градот Скопје.
– Она што оваа година е поразлично, е акцентот на искрата на главниот град, која се бори со сето ова сивило. Целта е да се осигуриме дека градот ќе види, ќе слушне, ќе чита, ќе се разубави, а покрај сето тоа, градот ќе се забавува. Она што ќе ја обележи програмата годинава е „Драјвен бај дизајн“, натпревар за млади модни дизајнери. На натпреварот аплицираа голем број дизајнери, а по оценувањето од стручно жири од шест лица, 15 финалисти ќе бидат изложени на настанот, а ќе продефилираат и на ексклузивна модна ревија. Победникот ќе си замине дома со парична награда од илјада евра, додека второ и третонаградените со парична награда од по петстотини евра – ни споделија организаторите на „Фешн енд лајфстајл експо“.

Годинашното издание се одржува на пет сцени, а галеријата на МОБ ќе биде исполнета со 7 паралелни изложби. Така, трите дена програмата почнува од 15 часот, а трае до вечерните часови. Поделена е на неколку главни целини.

– Ќе ги слушаме звуците на градот, ќе ја слушнеме приказната на објектите во просторот и ќе се забавуваме со прекрасните звуци на нашите локални музичари. Ќе нурнеме во светот на фотографијата и одново ќе го видиме градот низ призмата на нашите фотографи, ќе патуваме низ историјата и ќе ги дознаеме скриените приказни на градот. Ќе навлеземе во светот на пишаниот збор и непишаното околу него со наши добро познати автори. За магијата да биде целосна, на посебната сцена публиката ќе може да ги види младите сликари, илустратори во една поинаква визуелна авантура. И сето тоа проследено со многу музика и забава – велат организаторите.
Влезот за настанот во текот на трите дена е бесплатен.