За „Нова Македонија“ од Тел Авив, Израел, Марија Таушанска

Денеска е „Денот Д“ за македонскиот евровизиски тим. Како 17-ти по ред во втората полуфинална вечер, Тамара Тодевска на милионскиот телевизиски аудиториум и на неколкуте илјади гледачи во салата на „Експо центарот“ ќе им ја испее песната „Proud“ и ќе се обиде по седум години да ја однесе нашата земја во финалето.

Вчерашниот ден беше многу напорен за Тамара, имаше две генерални проби, од кои втората беше оценувана од стручното жири, а згора на се, поради технички проблеми, нашиот тим побара уште еднаш Тамара да ја изведе песната на сцената. Причина беа лошото светло и звук, за што на организаторот му беше укажано уште на првата проба. Но, по се изгледа, не сме само ние незадоволни како национален тим, туку и други учесници кои не го добија она што го бараа. Се добива впечаток како на организаторите да им е најважна безбедноста, а се друго им е во втор план.

Синоќа, по првата проба Тамара се појави во Прес-центарот и предизвика големо внимание меѓу припадниците на седмата сила. Даде неколку изјави за македонски и за странски медиуми, потпишуваше маички, цедиња со нејзината евровизиска песна, се фотографираше со присутните. Уште кога влезе во центарот околу 19 часот, таа расположено ги поздрави сите присутни, а некои од нив ја пречекаа со македонско знаме. Ни рече дека е во одлична форма и подготвена за вечерашното второ полуфинале.

Тамара, со останатите членови на македонскиот евровизиски тим, деновиве го посети и светиот град Ерусалим, каде си посакала три желби. Се надеваме дека една од нив ќе и се исполни вечерва.

Запрашана како се чувствува во моментот, таа рече дека е горда што има можност да биде македонски претставник на овој престижен натпревар. Додаде дека секојдневно се слуша со членовите на своето семејство, со сестра и Тијана, исто така наш евровизиски претставник, која секогаш и дава огромна поддршка.

Тамара овие десетина дена во Тел Авив настојуваше повеќе да одмора и да го чува гласот за настапот, а во хотелот „Дан“ каде е сместена се дружи со претставниците на другите земји и секако со останатите членови на тимот.

Инаку Дарко Димитров, еден од авторите на „Proud“ веќе влезе во финалето, како дел од тимот на српската претставничка. Тој е продуцент на песната „Круна“ што ја пее Невена Божовиќ.

Придружните вокали на Тамара, Васил Гарванлиев, Антониа Гиговска и Александра Јанева, иако нема да ги видиме на сцената, туку само ќе го слушнеме нивното пеење, постојано вежбаат и се трудат да го дадат најдоброто од себе.

– Би сакала да ја добијам поддршката од сите Македонци во Европа вечерва, па затоа ги повикувам да гласаат за „Proud“, бидејќи само на тој начин ќе можам да ги направам сите горди – порача Тамара.